Центарот за културна соработка на „16+1“ со седиште во Македонија

Со усвојување и потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за култура на 16 земји од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина (Иницијатива 16+1) се воспоставува Координативен центар за културна соработка на Иницијативата чие седиште ќе биде во Македонија. 

Како што соопшти Министерството за култура на РМ, на Третиот форум за соработка помеѓу НР Кина и земјите на Централна и Источна Европа (16+1) кој деновиве се одржа во Хангжу, НР Кина, направени се значајни исчекори за унапредување и конкретизирање на соработката меѓу овие земји.

Во своето обраќање министерот Роберт Алаѓозовски изразил голема благодарност до сите учесници за укажаната доверба за воспоставување на Центарот за културна соработка на Иницијативата „16+1" во Македонија.

Тој ги поканил домаќините и сите членки на Иницијативата да ја посетат Република Македонија за време на одржувањето на меѓународните манифестации на кои редовно се претставуваат еминентни уметници од НР Кина и регионот.

– Светот денес се соочува со многу предизвици и ризици од безбедносен, економски, политички аспект. Културата и натаму останува една од ретките отворени врати, сила која обединува и успева да ги надмине границите и поделбите, да ги негува и промовира различностите во секој аспект. Искрено се надевам дека со оваа Иницијатива ќе успееме да ги отвориме уште повеќе вратите на соработка меѓу нас, а со тоа да придонесеме за помирен, постабилен и попросперитетен свет, порачал Алаѓозовски.

Иницијативата на НР Кина со процесот „16+1" има цел да ја интензивира и прошири соработката со 11 земји членки на Европската унија и петте балкански земји во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.

Македонија и Кина во следните 5 години ќе разменуваат ансамбли, изложби, истражувања...

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и министерот за култура на Народна Република Кина, Луо Шуганг деновиве во Кина потпишале Извршна програма за културна соработка меѓу Република Македонија и НР Кина за 2018-2023 година.

- Со програмата, министерствата се обврзуваат дека ќе ја поддржуваат и охрабруваат соработката меѓу културните институции и уметниците од двете земји. Програмата е втора по ред од ваков вид и ја моделира правната рамка која ќе ја унапреди соработката меѓу двете министерства за култура. Таа предвидува размена на изведувачко-уметнички ансамбли од двете држави, размена на изложби, академски истражувања, работилници од областа на литературата, филмот и други културни активности. Исто така, согласно Извршната програма, двете држави ќе настојуваат во иднина да ја стимулираат соработката меѓу здруженијата на писатели, институциите од областа на културното наследство и експертите и стручните лица од оваа област - објави Министерството за култура.

Соработката во областа на културата меѓу Република Македонија и Народна Република Кина е регулирана со повеќе документи, со Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина и со Извршни програми меѓу министерствата за култура.

Отворање на Кинески културен центар во Скопје

На состанокот во Ханжу министрите Алаѓозовски и Луо Шуганг разговарале и за можноста за отворање на Кинески културен центар во Македонија и Македонски културен центар во Кина.
Министерот Алаѓозовски го поканил министерот Шуганг идната година да ја посети Македонија и да се запознае одблиску со подготовките за 4-тиот Министерски форум за културна соработка, на кој Македонија е домаќин во 2019, извести Министерството за култура.