Премиерскиот говор на Заев во ОН: Мораме да го фатиме моментот за надминување на спорот со Грција

Премиерот Зоран Заев, во својот говор од Генералното собрание на Обединетите нации порача дека мора да го фатиме моментот и да го решиме долгогодишниот спор со Грција. Според него има свежи напори за надминување на спорот.

- Би рекол дека и двете страни направија некои грешки низ годините. Но, главната цел сега е да се реши спорот. Цврсто верувам дека мора да го фатиме моментот, да разговараме со добра волја и да го решиме спорот за нашата заедничка иднина – рече Заев од говорницата во ОН.
- Високо ги цениме напорите на неговата екселенција Метју Нимиц. Да се обидеме да пристапиме од позитивна гледна точка. Одржувањето на добрососедски односи е двонасочна улица. Ние сме обврзани да ја направиме нашата работа и го очекуваме истото од нашите соседи. Оваа порака беше веќе јасно пратена до нашите пријатели и партнери – кажа Заев.
Тој го спомна и добриот однос кој владата што ја предводи го негува кон соседните држави, како и за потпишувањето на договорот со Бугарија за добрососедство.
Во својот говор македонскиот премиер зборуваше и за проблемите со кои се соочува светот на глобално ниво, терористичките напади и проблемите со мигрантите.
- Имплементацијата на резолуциите на Советот за безбедност е клуч да се избегнат можните катастрофални последици за идните генерации. Длабоко сме вознемирени од унилатералните акции на Северна Кореја. Тие спроведуваат нуклеарни проби и лансираат ракети и покрај постојаните повици од меѓународната заедница да ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност. Веруваме дека мирната денуклеаризација на корејскиот полуостров е изводливо решение и затоа ја повикуваме Северна Кореја веднаш да се откаже од нуклеарната и ракетната програма и да го потпише и да го ратификува договорот за забрана на нуклеани проби – кажа Заев во обраќањето.
Исто така зборуваше и за тоа дека одлуките за јавните политики треба да се носат од долу нагоре, слушајќи го цивилното општество.
- Наша цел е да ја забрзаме интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Од длабочините на политичката криза се издигнавме посилни и сме способни да допринесеме за регионалната стабилност и соработка – заклучи Заев.

ЈЕРЕМИЌ: Заев беше ѕвезда на Генералното собрание во Њујорк
На овогодинешното 72. Генерално собрание на ОН светот повеќе разговараше за Иран и Северна Кореја, а лидерите од Западен Балкан не беа баш на радарот на настаните во Њујорк, со исклучок на македонскиот премиер Зоран Заев, изјави Вук Јеремиќ, српски дипломат и поранешен претседател на Генералното собрание на ОН.
„Македонскиот премиер Заев беше, условно речено, еден вид ѕвезда. Имаше добра атмосфера и голем интерес за Македонија и за eвентуално решавање на проблемите кои ги имаа со Грција, како и за отворање на перспективите, како за таа земја, така и за регионот", кажа Јеремиќ во јавувањето во живо од Њујорк за српската телевизија Н1.
Македонската делегација на отворањето на 72-та сесија на Генералното собрние на ОН беше предводена од премиерот Зоран Заев, а во неа беа и министрите Никола Димитров и Едмонд Адеми.