Заев од Битола: „За живот во сите општини“ Груевски од Охрид: „Референдум за новата ера“

Двете најголеми македонски партии ја почнаа својата политичка капања за локалните избори - СДСМ од Битола а ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. Тие ги претставија своите кандидати за градоначалници.

Со најава „За живот во сите општини" претседателот на СДСМ, Зоран Заев, од Широк сокак во Битола им порача на граѓаните дека Македонија се менува и дека ќе биде достојно место за живеење.
– Ја вративме слободата, ги враќаме парите на граѓаните, го враќаме животот во Македонија, но не запираме тука. Се изборивме за промена и за надежта дека можеме да живееме во просперитетна Македонија. По целата голгота, промените се тука и продолжуваат. Новата Влада предводена од СДСМ е одговорна и домаќинска, а се грижи и за потребите на граѓаните. Докажавме дека ја водиме ова политика, политика која служи на граѓаните, а не робува со нив. Ние ги остваруваме мерките на Владата што ги ветивме. Скративме повеќе од 45 милиони евра кои се непродуктивни трошоци, рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев за работата на Владата.
Кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ, е Наташа Петровска. Таа на самиот почеток потенцира дека нејзиниот тим е нејзината Битола потенцирајќи дека и е мило што митинзите на партијата почнуваат од овој град. На самиот почеток таа кажа низа работи за својот живот во Битола евоцирајќи спомени од детството.
„Во последната деценија Битола го изгуби сјајот. Раскопани улици, младите си отидоа, а тие се богатеа на нашиот грб. Доста е, промени мора да се случат. Промените се наши и ќе се случат на 15 октомври во првиот изборен круг. Битола нема време за чекање, овие избори се за поинаква Битола, која ќе биде перспективна. Ќе направиме гасификација по примерот на Струмица, а ќе имаме и сообраќаен режим и нови паркиралишта. Младите ќе имаат повеќе простор за разни спортови преку мултифункционалниот спортски центар што ќе го изградиме. Ќе ги зголемиме капацитетите во градинките и домовите за старите лица, а минато ќе биде ѓубрето расфрлано низ градот. Ќе се облагородат месните заедници, кои ќе бидат топли катчиња на нашите граѓани. Современите услови во училиштата се основни приоритети кои мора веднаш да се спроведат и тоа е должност на секоја локална власт", рече кандидатката Наташа Петровска.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, од митингот во Охрид порача дека на 15 октомври ќе имаме локални избори, но истовремено и референдум за новата ера и новото утро за Македонија кое доаѓа, кое никој не може да го задржи, зад кое стои овој народ и луѓето кои веќе направија споредби.
– Целиот народ има единствена можност на 15 октомври да каже што мисли за она што и се случува на Македонија, за хаосот, за безредието, за неспособноста, за лажењето, за неисполнувањето на ветеното, за манипулирањето, за хајките, за злоупотребите од новата власт, за договорот со Бугарија, за неуставните закони со кои се манипулира, за криминалите и тендерите на газдите во владата, за беснеењето, за начинот како наумиле да се реши името, за колапсот на економијата, за начинот како избраа претседател на Собранието на Република Македонија и како избраа влада, за одењето спротивно на волјата на народот, за потценувањето на нашата, на вашата интелегенција и интегритетот, за новосоздадениот хаос во здравството, безидејноста и незаинтересираноста за решавањето на проблемите, за помрачувањето кое и се случи на Македонија. Ќе се изберат градоаначалници и советници, но народот ќе го каже своето мислење за сето она што и се случува на Македонија – рече Груевски.
Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Тилевски, рече дека во оваа трка влегува со чисто срце и душа, без валкани раце, со чисто досие и чист образ, без афери и без ниту една црна дамка во својата професионална кариера.
– Сега пред вас одговорно тврдам дека како иден градоначалник на Охрид најсовесно ќе ја извршувам својата обврска и должност кон граѓаните. Имам визија и мисија како Охрид да продолжи со нови проекти и да го усовршува вистинскиот и европски и современ лик. Околу мене има тим советници докажани во својата фела, полни со знаење, ентузијазам и со вистинска љубов кон Охрид и охриѓани. Стратегиските цели на јасно дефинираната програма ќе бидат: Работа за сите, економски пораст и развој на Охрид, создавање нови работни места и намалување на стапката на невработеност и унапредување на туризмот и меѓународна соработка на градот – рече Тилевски.