САД сакаат подобрување на односите со Москва

Путин издал наредба Министерството за надворешни работи да ја тужи американската Влада поради заплената на имотот на руските претставништвa.

САД не сакаат да продолжат да и возвраќаат со исти дипломатски мерки на Москва и сакаат подобрување на билатералните односи, изјави портпаролката на Стејт департментот, Хедер Наверт.
- Би сакале тој однос да се подобри. Не сакаме да продожиме со возвраќање на исти дипломатски мерки. Има многу повеќе области каде можеме, се надеваме, да соработуваме со Русија - истакна Наверт.
Таа одби да ја коментира изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека е можно Москва да го тужи Вашингтон поради рускиот дипломатски имот во САД.
- Добродојдовте во американскиот правен систем - истакна Наверт.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков претходно изјави дека Путин издал наредба Министерството за надворешни работи да ја тужи американската Влада поради заплената на имотот на руските дипломатски претставништва во САД.
Американските власти на 2. септември ја презедоа контролата над зградите на рускиот Генерален конзулат во Сан Франциско и трговската мисија во Вашингтон, иако двете се во сопственост на Русија и имаат дипломатски имунитет.
На руските претставници забранет им е влез во изнајмените простории на руската трговска мисија во Њујорк.