Светските медиуми ги потсетуваат Хрватите: Знаете ли вие кој беше Јосип Броз?

Преименувањето на Плоштадот маршал Тито во Загреб предизвика реакции и во водечките светски медиуми, кои изнесоа различни оценки за таа одлука на градските власти во Загреб.

Дека веста за „протерувањето" на Тито од строгиот центар на Загреб не ги обиколи само земјите до регионот, односно од поранешна Југославија, говори и фактот дека веста за контроверзното симнување на таблата со името на Маршал Тито ја пренесоа и АФП, Асошиејтед прес, Њујорк тајмс, Франс24 и други.
Агенцијата Асошиејтед прес пишува дека ваквата одлука е показател за победата на десничарските националисти кои се во подем во најновата членка на Европската унија. Исто така, потсетува дека Тито беше лидер на антифашистичкото движење и отпор за време на нацистичката окупација на Југославија, оценувајќи дека преименувањето на плоштадот се случува под притисок на националистите кои Тито и поранешната мултиетничка Југославија ги сметаат за антихрватски.
АФП пишува дека одлуката за преименување на плоштадот на Тито „предизвикува контроверзи и ја поделила јавноста" и ја цитираат изјавата на Златко Хасанбеговиќ дека „ниедна улица или плоштад во Хрватска не треба да го носи името на Јосип Броз Тито".
Француската агенција додава и дека одлуката за преименување е резултат на слабоста на долгогодишниот „популистички градоначалник Милан Бандиќ", кому му беше потребно мнозинство гласови во градското собрание за да продолжи да управува со градот Загреб. АФП напоменува дека Бандиќ претходно се залагал за името на плоштадот да решат граѓаните на Загреб преку референдум.
- Градските власти во Загреб одбраа да го остранат името на југословенскиот комунистички лидер Јосип Броз Тито од централниот плоштад. Тито беше водач на антифашистичкото движење кое се бореше против нацистичкиот окупатор во текот на Втората светска војна. Затоа, многумина овој потег го сметаат за победа на се посилните десничари во најновата членка на Европската унија, пишува еден од највлијателните американски весници, Њујорк тајмс.
Франс 24 потсетува дека Тито со Југославија владееше 35 години, како и дека по неговата смрт дојде до распад на државаа, па потоа и до војни кои однесоа над 100 илјади животи.