50 години автокефална МПЦ

Пред 50 години во храмот на црковно-народните собори во Св. Софија во Охрид беше донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Австралиско-сиднејската епархија при МПЦ -Охридска Архиепископија по тој повод одржа прослава во чест на јубилејот 5 децении од возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ-ОА и денот на независноста на Република Македонија.
Во петокот на 8 беше одржана Свечена академија со банкет во Македонскиот спортски центар „Илинден". Следниот ден на 9 септември во 9 часот наутро се одржа Света божествена Златоустова литургија во МПЦ „Света Петка" во Рокдејл.
Во далечната 1967 година во храмот на црковно-народните собори во Св. Софија во Охрид беше донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква каде беше прогласена и автокефалијата. Со овој чин на македонскиот народ му беа вратени честа, гордоста и правото на слободна духовна определба, по неканонското укинување на автокефалната Охридска архиепископија во 1767 година.
Но зачетоците на оваа обнова, се пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци, кога е создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската Православна Црква. Во месец март 1945 година во Скопје е одржан првиот Црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска Православна Црква. Оваа одлука е доставена и до Архиерејскиот собор на СПЦ, бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска Македонија беа во составот на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна - Српска Православна Црква. Архиерејскиот собор на СПЦ не ја прифаќа оваа одлука, заради што во своите понатамошни барања Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо како автокефална, бара да биде признаена како самостојна Црква. Но, повторно не наидува на одобрување. Во 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски Црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска Православна Црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.
Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите. Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор, и на свечената седница во охридската црква на Свети Климент Охридски ја прогласува Македонската Православна Црква за АВТОКЕФАЛНА. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква е извршен на Светата Архиерејска Литургија, отслужена во црквата на Свети Климент Охридски на 19 јули 1967 година, од страна на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан. Диецезата на Македонската Православна Црква не се протега само на подрачјето на Македонската држава, туку и во црковните општини надвор од границите на Републиката.