Австралија оваа недела, по примерот на некои други земји, ќе објави забрана за користење на TikTok на мобилните телефони на владини претставници поради безбедносни причини.
Премиерот Ентони Албанезе се согласи да го забрани TikTok на официјалните владини уреди по соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Истата одлука ја донеле и властите на државата Викторија. Досега САД, Велика Британија, Нов Зеланд, Канада, Белгија и Европската комисија ја забранија употребата на TikTok на уредите на владините службеници, поради безбедносни причини. Од неодамна западните земји сé повеќе се загрижени дека TikTok, во сопственост на кинеската компанија Bytedance, ги загрозува безбедносните интереси и приватноста на своите корисници и испраќа податоци до кинеските власти.
На крајот на февруари Белата куќа им нареди на сите федерални агенции и други владини тела да го избришат TikTok од сите официјални уреди во рок од 30 дена. Некои институции, како Министерството за одбрана и самата Бела куќа, го направија тоа во 2020 година.
Главниот извршен директор на TikTok Australia, Ли Хантер, рече дека компанијата е разочарана кога дознала за забраната од медиумите „и покрај повторените напори за конструктивно ангажирање со владата. Нагласуваме дека нема докази кои сугерираат дека TikTok претставува безбедносен ризик за Австралијците на кој било начин и не треба да се однесуваме поинаку од другите социјални платформи“, рече Хантер.
Сè поголем број луѓе изразуваат загриженост, наведувајќи ја слободата на говорот и други прашања. Законот за регулирање на TikTok е премногу широк. Зошто западните земји не гледаат проблем во користењето на Фејсбук и другите социјални мрежи поради собирање податоци за сопственото население?