Австралија очекува рекорден род на пченица

Австралија очекува рекордно производство на пченица, и покрај поплавите на истокот, објави Владата на Комонвелтот.

Вкупното производство на зимски култури треба да достигне 62 милиони тони, што е втор по големина принос во историјата, според извештајот на Австралиското биро за земјоделство и економски ресурси (АБАРЕС).

„Додека во некои делови од земјата пролетните дождови му наштетуваат на производството, приносот и квалитетот, во други приносите на зимските култури ќе бидат најдобри досега“, рече во извештајот директорот на ABARES, Џаред Гринвил.

Така за 12 месеци, до крајот на јуни следната година, производството на пченица треба да достигне 36,6 милиони тони, што е зголемување за еден процент во однос на претходниот рекорд, поставен минатата година, рече Гринвил.

Производството на јачмен би требало да достигне 13,4 милиони тони, што би било четврт по големина принос во историјата, а производството на репка рекордни 7,3 милиони тони.

Сепак, поплавите ќе наштетат на сеидбата на летните култури, пред се на памукот и оризот, со проценето намалување на засеаните површини за 9 отсто, покажува извештајот.

Источниот дел на Австралија годинава претрпе поплави кои ги оштетија населените места и земјоделските површини, а причината беа обилните дождови поврзани со повеќегодишниот феномен Ла Ниња.

Останати вести