Контроверзниот „пандемски“ закон на Даниел Ендрјус и неговата влада минатава седмица предизвика жестоки полемики меѓу пратениците во парламентот на Викторија.
Резултатот беше дека предлогот во одредени делови е променет, но се уште има ставки кои можат да се доработат. Законот за јавно здравје и благосостојба, за кој коалицијата на либералите и националисти го нарече најопасен закон во историјата на Викторија.
За предлог-законот првпат се расправаше во Горниот дом во вторникот, откако минатиот месец беше изгласан во законодавното собрание.
Еден од амандманите, кој беше уфрлен во предлог-законот во „пет до 12“, се однесува на значително намалување на паричните казни за прекршување на пандемиските наредби. Со закон пропишаните казни ќе бидат преполовени за општи и тешки прекршоци, но сепак ќе останат драконски. Пред внесување на амадманите во предлог-законот за јавно здравје, беа предвидени казни до $21.800 за физички лица и до $109.000 за претпријатија, кои можеа да се применат за оние кои ги кршат одредбите на законот.
Сега максималната казна за лице кое не постапило според здравствениот налог, знаејќи дека може да предизвика сериозни здравствени ризици за другите е преполовена е од $90.500 на $45.000 за тешки прекршоци, додека казната за фирмите е $452.500.
Правниот институт на Викторија ги опиша овие казни како исклучително високи и прекумерни.
Воедно е договорено да се постави и повисок праг за прогласување пандемија, што е овластување кое според овој предлог-закон ќе биде префрлено од главниот здравствен службеник на премиерот на Викторија, и се смета за еден од најконтроверзните делови од предложениот закон.
Според амандманите кои се донесени по консултации на владеачката Лабуристичка партија со корсбенчери, експерти и организации, во предлог-законот е додадена клаузула дека премиерот може да прогласи пандемија само доколку другите се задоволни дека тоа е оправдано „од разумни причини“.
Според министерот за здравство на Викторија, Мартин Фоли, оваа промена ќе овозможи „повисоки мерки на одговорност“. Претходната верзија на законот не предвидуваше „разумна основа“ за прогласување пандемија.
Исто така, скратен е и рокот за пријавување на изменети наредби за јавното здравје кои би требало да ги носи министерот за здравство. Временската рамка во предлог-законот е скратена од две на една недела од денот на носење на одлуката за воведување било каква пандемска мерка.
Иако во променетиот предлог-закон е предвидено да постои поголем надзор при прогласување на пандемија, овластувањата дадени на владата и понатаму ќе останат многу широки.
Независен надзорен одбор ќе може да дава препораки, но министерот за здравство и понатаму ќе има широки овластувања да ги носи сите наредби за време на пандемија, за кои смета дека се „разумно неопходни“ за заштита на јавното здравје.
Овластените државни службеници ќе имаат право да затвораат луѓе во склад со пандемиските наредби за одредување карантин или во случаи кога „е разумно неопходно да се елиминира или намали ризикот по јавното здравје“, и тоа без временска рамка за максимален период на затворање.
Исто така, прогласување пандемија и понатаму ќе може да се продолжува на секои три месеци, односно на неодредено време. Овој дел од предлог-законот предизвика тревога во Правниот институт на Викторија поради широките овластувања кои ги дава на премиерот, министерот за здравство и на одредени државни службеници.
Адвокатската комора на Викторија препорача усвојувањето на овој предлог-закон да се одложи се додека прашањата кои ги покренаа правните групи и организациите за човекови права не се разгледаат на соодветен начин.
Но, со оглед на тоа што веќе почна расправата во Горниот дом на Парламентот на Викторија, слаби се шансите препораката на Адвокатската комора да биде прифатена. Единствена надеж е што Адам Смурек, од лабуристичките претставници во Горниот дом се сврте против владата и не дозволува да пројде овој закон.
Се очекува предлог-законот со внесените амандманите да го поддржат тројца кросбенчери – Фиона Патен од Партијата на разумот, Саманта Ратнам од Зелените и Енди Медик од Партијата на правдата за животните. И сега на Даниел Андрус му фали само еден глас да го пројде овој закон до 15 декември.
