Акција „Синџир“: Осомничени 26 лица, 13 отидоа во притвор ама ги нема главните криминалци

Тринаесет лица добија затворски притвор, едно лице куќен притвор, а за 12 од осомничените во акцијата „Синџир“ има определено мерки на претпазливост.

Во акцијата против даночни затајувачи наречена „Синџир“ на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиска полиција се опфатени 26 сопственици и управители на 28 правни лица (фирми) за кои постои сомневање дека сториле кривични дела „злосторничко здружување“, „даночно затајување“, „перење пари“ и други дела од од Кривичниот законик.

Тие се сомничат дека основале или преземале фирми, преку кои изготвувале лажни фактури за да избегнат плаќање ДДВ. Овој „синџир“ започнал со шест лица во Неготино и секоја година се ширел со нови замешани.

Со своите дејства осомничените го оштетиле буџетот за речиси 8 милиони евра. Од обвинителството соопштија дека при извршените претреси била обезбедена дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка, додавајќи дека се приведени 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека 6 лица се недостапни на органите на прогонот.

Организаторите на злосторничкото здружение, соопштија од Јавното обвинителство, со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, основале правни субјекти во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти.

Крупните „ѕверки“ се во бегство

Но извори поврзани со истрагата велат дека апсењата се целосно фијаско зашто главните осомничени се во бегство, а во притвор се луѓе кои само фигурирале како сопственици или управители на фирмите кои наводно затајувале данок и переле пари.

Меѓу уапсените нема вработени во Управата за јавни приходи, без кои, според нашите извори, не би можело да се изведе операција со која буџетот бил оштетен за скоро 8 милиони евра.

Главните осомничени се поврзуваат со фирмата „Алма“ од Неготино, која во 2017 година го сели седиштето во Струмица. Фирмата влезе во фокусот на јавноста пред една деценија, кога сопственикот Ангел Пецов, неговата сопруга и син, и уште 13 други луѓе беа осудени на долгогодишни затворски казни во случајот „Керозин“. Тие беа осудени зашто точеле помало количество нафта отколку договореното со јавните набавки и со тоа го оштетиле буџетот за 2,5 милиони евра.

Меѓу осомничените во „Синџир“ е и Стојан Чифлигароски, сопственик на фирмата „СВ Инвест“ од Битола, која во 2021 година отиде во стечај. По доаѓањето на СДСМ на власт оваа фирма почна да добива милионски тендери за работи во РЕК Битола – над 6 милиони евра за три години, а во 2021 година ненадејно падна во стечај. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Чифлигароски е близок до Вице Заев, брат на поранешниот премиер Зоран Заев.

Останати вести