Од пресуди за 21.5 години затвор веќе се избришаа 20. По укинувањето на пресудата за “Трезор“ (8 години) сега Апелацискиот суд овозможи и “Таргет-тврдина“ (12 години) да застари во 2025 и повеќе кривично да не се гони
Апелацискиот суд Скопје ја укина 12-годишната затворска казна за масовното незаконско прислушување за Сашо Мијалков, осуден како поранешен директор на УБК во предметот „Тврдина-Таргет“. Овој предмет Апелација не го одлучуваше од април, и не даваше образложение зошто го чува толку време, за на 16 декември да објави само дека е укината пресудата и предметот е вратен на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.
Со ова, Апелациониот суд овозможи и придонесе овој предмет набргу да застари и повеќе кривично да не се гони. Во „Тврдина-Таргет“ кривичното дело за Сашо Мијалков застарува во 2025. Другите обвинети се со обвинителен акт, само тој е со обвинителен предлог.
Претходно од второстепениот суд беше укината и пресудата за предметот “Трезор“, кој исто така е вратен на повторно судење.
Одлуката за укинување на оваа пресуда ја донел Советот на судии на чие чело е Јани Нича, а членови се Енвер Беџети (кој беше судија-известител за предметот), Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева.
Пред само три недели Апелација ја укина и 8-годишната казна на Мијалков за случајот “Трезор“ што се однесуваше на набавка на опрема за УБК, па и за овој случај судењето ќе се повтори. Единствниот правосилен случај во кој е осуден Мијалков е “Империја“, откако тој се спогоди со Обвинителството за казна од 3 години затвор и уплата на околу 6 милиони евра и конфискација на имот вреден над 30 милиони евра.
Сите осудени сега од слобода може да се бранат
„Тврдина-Таргет“ се судеше три години и два месеца. Меѓу осудените е и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска (на 4 години), која потпишала налог да се уништи опремата со која биле прислушувани стотици граѓани, за да нема докази за прислушувањето. На тогашниот началник на Петтата управа на МВР, Горан Грујевски кој заедно со Мијалков учествувал во прислушкувањето му е досудена казна од 15 години. На Никола Бошкоски, кој исто така е во бегство му е изречена 15-годишна затворска казна. Сега, сите се ослободени од вина и ќе имаат ново судење.
Според кусото образложение од Апелацискиот суд Сkопје, пресудата е укината поради суштествени повреди во постапката. Но јавноста не може да види кои се тие суштествени повреди, бидејќи оваа одлука нема да биде објавена на веб страницата на судот, оти не била правосилна, судење ќе има одново.
Исто како што беше случај и за „Трезор“, каде што Мијалков беше осуден на 8 години затвор, а пресудата укината и без објава на причините, а случајот вратен на повторно судење.
Со тоа, излегоа прецизно точни тврдењата во јавноста, дека по благата спогодба за „Империја“, Мијалков освен тие 3 години затвор со спогодбата за овој случај, нема да лежи за овие два предмета во кои вкупно е осуден на 20 години затвор. Мијалков тригодишната казна за „Империја“ ја отслужува во Струшкиот затвор кој што е од отворен тип.
Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна есента 2018. Во февруари 2021 е донесена неправосилна пресуда. Дури во март 2022 се одржа јавна седница во Апелациониот суд по поднесените жалби од обвинетите, односно првостепено осудените во овој базичен предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство.
Судењето, пак, за „Трезор“ стартуваше во февруари 2018. Во април 2021 е изречена првостепената пресуда, а по жалба на јавна седница во Апелација се расправаше во април 2022.
Според последните истражувања, довербата во судството е на најниско ниво досега, само на 8 проценти од населението. Тука се бројат и само 2 отсто што изразиле целосна доверба.
Какви се калкулациите на Апелацискиот суд?
Апелацискиот суд Скопје и покрај огромниот новинарски интерес за одлуката за „Тврдина таргет“ и Мијалков (кој смени адреса за да ја издржува затворската казна за „Империја“ во Струга) до 15 декември не споделуваше никакви информации ниту пак некому одговори дека пресудата е веќе донесена. Претпоставката беше дека Апелациониот суд и 5-те судии калкулираат и чекаат да видат што ќе стане со претставките во Стразбур поднесени од обвинетите кои ги аболицираше Иванов во 2015-та, а потоа по промена на законот, тие сами се откажуваа од помилувањето.
Бидејќи од ЕСЧП во Стразбур немаше никакви официјални информации (имаше шпекулации дека се прифатени претставките, но судот во Стразбур негираше дека донел било каква одлука за аболициите на Иванов), Апелацискиот суд предновогодишно, во петокот напладне (16 декември) објави дека ја поништува пресудата по жалби поднесени уште лани во април.
Постои можност дека судот ја донел одлуката, но биле спречени да ја објават затоа што беше објавено од амбасадорката на САД дека американски тим за санкции е дојден во државата за антикорупциска проверка на предметите поврзани со функционери. Инаку Сашо Мијалков е еден од двајцата (вториот е Никола Груевски) македонски државјани кои се на црната листа на САД поради корупциските случаи и нелегалното прислушување (предмeт „Тврдина-Таргет“), со што автоматски бил и цел на „агресивниот увид“ на американскиот тим за санкции.
Откако беше објавено во вторникот дека тимот си заминал во САД, три дена подоцна Апелациониот суд ја објави информацијата. Од судот не објаснуваат зошто ја кријат одлуката и не ја објавуваат, а исто така Апелациониот суд веќе три недели ја крие и втората своја одлука во корист на Мијалков за поништувањето на пресудата Трезор.