Апелацискиот судија Ѓоко Ристов (53) е во домашен притвор остана без имунитет и е времено оддалечен од судиската функција, а Судскиот совет даде „зелено светло“ да му биде изречена мерка куќен притвор. Ова е епилогот од итната седница на Судскиот совет, свикана откако полицијата и обвинителството открија голем скандал со криење на сомнителни пари.
Судскиот совет со 10 гласа „за“ го прифати барањето на Основниот кривичен суд Скопје со што на судијата од скопска Апелација Ѓоко Ристов (53) му е одземен судискиот имунитет за да може да се води кривична постапка. Одобрен е предлогот за определување мерка куќен притвор и донесена е одлука за негово времено оддалечување од вршење на судиската функција додека трае постапката.
По ова судија на претходна постапка во Кривичниот суд Скопје официјално го потврди предлогот на Обвинителството и му одреди куќен притвор на Ристов, како и одзање на патните исправи.
Како што соопшти МВР, Ристов во својство на судија во Апелациониот суд Скопје, во временскиот период од 10.2.2020 до денес, спротивно на законската должност за пријавување на имотна состојба или нејзина промена дал лажни податоци за својот имот и имот на неговото семејство, кој имот во големи размери ги надминува неговите законски приходи.
Ристов е од Неготино но дваесетина години живее во Скопје. Избран бил за судија во 2008 година, а унапреден во Апелација во 2020 година. Полицијата извршила претрес во неговиот стан во Скопје на почетокот од јануари. И не нашла ништо што би го компромитирало. Но, на 18 јануари е извршен претрес во неговиот роден дом во Неготино (каде што живеат неговите родители) и на горниот кат, во кујната биле пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид.
Имено, полицајците забележале сомнителна „корекција“ на ѕидот со плочки. Откако отстраниле една керамичка плочка, откриле дупка во која биле скриени алуминиумски ролни. Во нив имало 13 пакувања со вкупно 350.000 евра (610 банкноти од 500 евра и 225 банкноти од 200 евра).
МВР поднесе кривична пријава, а ОЈО ГОКК отвори истрага против Ристов за две кривични дела: „Противправно стекнување и прикривање имот“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Истрагата покажала дека судијата во периодот од 2020 година до денес давал лажни податоци во анкетните листови, прикривајќи имот кој е несразмерно поголем од неговите законски приходи како судија во Апелација.
Клопчето за судијата од скопска Апелација почна да се одмотува со притворањето на адвокатот Фехми Стафа, на 14 декември, поради сомненија за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Поранешниот правобранител барал 100.000 евра од семејство на обвинет за да влијае кај судијата Ристов. Се работи за обвинетиот Љупчо Пецов викан Ѓаволот, чија сестра првично му дала на адвокатот Стафа 30 илјади евра, а при давањето на уште 20.00 евра била присутна и полицијата. Договорот бил „да се подмачка“ судијата за Пецов да биде пуштен во домашен притвор наместо да седи в затвор. Ова е од случајот „Синџир“, отворен кон крајот на октомври 2023 година, во истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми, кои манипулирале со враќање на ДДВ и го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра.
Љупчо Пецов-Ѓаволот навистина бил пуштен во домашен притвор и наводно сега е недостапен за органите на прогонот, иако по медиумите кружи приказна дека често може да се види во кругот на Државната болница во Скопје како пациент.
Инаку, јавноста го познава судијата Ристов по неколку големи случаи како „Шпион“ и „Метастаза“. Од позиција на апелационен судија донесе одлука за застарување на предметот „Титаник 2“, во кој беше обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Бизнисменот Фијат Цаноски јавно го обвини за судско злосторничко здружување за намерно застарување на случајот „ТНТ“ за уривање на комплексот „Космос“ во 2011 година.
Пред петнаесетина денови Ристов во Апелациониот суд Скопје им кажал дека е болен и оти ќе замине на боледување. Оттогаш колегите не го виделе. Мобилен телефон престанал да користи од пред месец и неколку дена, откако се отвори истрагата против адвокатот Фехми Стафа за подмитување судија во Скопска апелација (односно на Ѓоко Ристов).
Не е прв пат Судскиот совет да одлучува по имунитет на судија. Пред две години тоа се случи за врховниот судија Наќе Георгиев кој, пак, беше осомничен за примање награда за противзаконско влијание. Тој се спогоди со Обвинителството и доби три години затворска казна и забрана за вршење на професијата.