Најтрофејниот светски клуб Реал Мадрид, 13-кратен европски првак и германскиот великан Баерн Минхен, шесткратен шампион на Европа заработиле најмногу од наградите на Европската фудбалска унија (УЕФА) за своите настапи во Лигата на шампионите во изминативе 30 години, откако некогашниот Куп на Европски шампиони во сезоната 1991/92 беше ребрендиран во ЛШ.
„Кралевите“ и Баварците за три децении настапи во мултимилионската елита, во која во последниве 15 години премиите се огромни во споредба со почетоците, заработиле по нешто повеќе од една милијарда евра или во просек по 30-на милиони евра од сезона.
Баерн од ребрендирањето на КЕШ во ЛШ освои три европски титули: во 2001, 2012 и 2020 година, додека Реал Мадрид стигна до седум трофеи: 1998, 2000, 2002, 2014, 2016, 2017 и 2018 година.
Најблизу до милијардата евра веднаш зад најтрофејниот шпански и германски клуб е Барселона, која сите пет европски титули во историјата ги освои од реформите во ЛШ со 984 милиони евра заработка, а следат Јувентус со 938 милиони заработка, Челси со 785 милиони, Манчестер јунајтед со 765 милиони, ПСЖ со 696 милиони, Манчестер сити со 630 милиони, Ливерпул со 575 милиони…
Анализата на заработката во овие три децении почнувајќи од сезоната 1992/92 до последната 2020/21 ја направи најугледниот италијански весник „Газета дело Спорт“.