Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта одржа прес-конференција поради обвинувањата дека каталонскиот клуб подмитувал судии. Првиот човек на клубот ги отфрли сите напади и потоа удри по Реал Мадрид затоа што не застанал на нивна страна.
Лапорта кажа дека ќе бара огромна отштета поради лажните информации кои се појавиле во јавноста со цел да се уништи угледот на каталонскиот гигант.
– Ќе бараме огромна оштета поради клевета. Целата приказна со Негреира нема врска со оваа управа на Барселона и ние сме згрозени од нападите. Денеска сум тука да објаснам за што станува збор. Обвинителството потврди дека не сме давале мито на судиите. Никој не можеше да докаже дека сме виновни. Барселона во моментов има 629 извештаи од судиски анализи кои ги направи компанијата на Негреира. Со нашата темелна истрага е утврдено дека нема кривично дело. Ќе ги оставиме институциите да си го истражат случајот, по што ќе преземеме одредени мерки, кажа Лапорта.
Првиот човек на Каталонците не покажа милост ниту кон Реал Мадрид, како и останатите клубови до Ла Лига кои бараа жестока казна за Барселона.
– Се вклучи и тимот кој сака да нè уништи, а тоа е Реал Мадрид. Тоа се луѓе на кои судиите најмногу им помагаа во историјата на фудбалот. Речиси секој нивни претседател беше директно поврзан со судиите. Комично е тоа што Реал има лице да тврди дека судиите ги оштетиле, вели Лапорта.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, наскоро ќе објави дека каталонскиот клуб се повлекува од идејата за формирање на европска Суперлига, тврди радиото “Кадена Сер“.
Според радиото, управата на Барселона на овој чекор се одлучила бидејќи е револтирана од постапките на челниците на Реал Мадрид по избивањето на скандалот “Негреира“ кој го тресе каталонскиот клуб. Лапорта и неговите соработници, наводно повеќе не можат да бидат партнери во проектот европска Суперлига со Флорентино Перес и Реал Мадрид кои покренуваат тужби против нив, тврди “Кадена Сер“.
Барселона падна под истрага откако беше откриено дека со години плаќала милиони евра на компанија во сопственост на поранешниот потпретседател на судиската комисија во Ла Лига, Хозе Марија Енрикес Негреира, за писмени и видео извештаи за проценките на судиите пред натпреварите. Плаќањата биле вршени помеѓу 2001 и 2018 година.
Во 2021 година дел од најбогатите европски клубови се обидоа да формираат затворено натпреварување Суперлига, но проектот пропадна за помалку од 48 часа по големите реакции на навивачите, на УЕФА, како и на политичарите.
Поради големиот притисок од јавноста, први кои се повлекоа од проектот беа шесте англиски екипи: Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Манчестер Сити, Челси, Тотенхем, Арсенал, италијанските Милан и Интер како и Атлетико Мадрид. Верни на проектот останаа само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, а доколку се покажат како точни тврдењата на шпанското радио, тогаш и Барселона ќе се повлече од проектот.