Лидерите на САД, Австралија и Велика Британија во понеделникот ги открија деталите за планот за обезбедување на Австралија со подморници на нуклеарен погон, што е голем чекор за спротивставување на амбициите на Кина во Индо-пацификот.
Во заедничка изјава американскиот претседател Џо Бајден, австралискиот прајминистер Ентони Албанизи и британскиот премиер Риши Сунак ги поддржаа плановите за таканаречениот пакт AUKUS, првпат објавен во 2021 година, во американската поморска база во Сан Диего, Калифорнија, главното домашно пристаниште на американската Пацифичка флота.
Според договорот, САД ќе ѝ продадат на Австралија три подморници на нуклеарен погон од класата “Вирџинија“ (што ќе бидат изградени по 2033 година, дотогаш подморници на САД и Британија ќе патролираат наизменично околу Австралија), со опција Канбера да купи уште две доколку е потребно, се вели во заедничкото соопштение.
Во изјавата на лидерите се вели дека повеќестепениот проект ќе кулминира со британско и австралиско производство и работа на нова класа на подморница базирана врз дизајнот на следната генерација на Британија, што ќе биде изградена во Британија и Австралија и ќе вклучува „современи“ технологии на САД.
На церемонијата во Сан Диего, Бајден истакна дека подморниците ќе бидат на нуклеарен погон, а не нуклеарно вооружени: „Овие бродови нема да имаат нуклеарно оружје од каков било вид на себе“, рече тој.
Со договорот ќе бидат распоредени американски и британски подморници во Западна Австралија за да помогнат во обуката на австралиските тимови и да се зајакне одвраќањето, рече висок американски функционер.
Во заедничкото соопштение се вели дека САД и Велика Британија ќе започнат со овие ротациони распоредувања најрано во 2027 година, а официјалниот претставник рече дека за неколку години ќе има четири американски подморници и една британска.
Првата фаза од планот веќе е во тек. „Почнувајќи од оваа година, Австралија ќе создава сопствена постројки и инфраструктура во Аделаид“, рекоа официјалните лица.
Повеќе од 20.000 работни места ќе бидат отворени во текот на следните три децении, при што целата шема ќе чини помеѓу 268 и 368 милијарди долари – што е еквивалент на 0,15 отсто од бруто домашниот производ на Австралија во текот на траењето на програмата.
Подморниците SSN-AUKUS што ќе се градат во Јужна Австралија, ќе се засноват на дизајнот на следната генерација јуришни нуклеарни подморници на Велика Британија и ќе ги вклучува критичните пробивни технологии на САД од подморниците од класата Virginia, додаде претставникот на Белата куќа.
Исто така, истакнал дека класата „SSN-AUKUS“ ќе биде „последното достигнување“ во технолошкиот развој на САД и Велика Британија.
Првата домашно произведена нуклеарна подморница од бродоградилиштето во Аделаид би требало да биде дури во 2042 година, и потоа производство на една нова на секои три години.
Кина со реакција поради нуклеарните подморници: „Тргнавте по опасен пат“
Кина ги обвини Британија, САД и Австралија дека „одат по опасен пат“ со пактот за подморници.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека трите земји ја игнорирале загриженоста на меѓународната заедница. Портпаролот Ванг Венбин изјави дека Кина и САД ја одржуваат потребната комуникација: „Ние веруваме дека вредноста и значењето на комуникацијата е да се подобри разбирањето и да се управуваат разликите“.
Велика Британија, САД и Австралија инсистираат на тоа дека пактот не го зголемува ризикот од ширење на нуклеарното оружје. Подморниците ќе носат конвенционално оружје, а нуклеарните реактори ќе бидат запечатени.
Австралија и понуди на Кина брифинг за плановите но Пекинг се уште не одговорил.