Проруските националисти се блиску до преземање на власта во Софија. Вашингтон може да ги ослабне со признавање на националноста на Македонија, пишува Едвард Џозеф во анализата за „Форин полиси“
Мрачните сценарија брзо се реализираат, пишува Едвард П. Џозеф, експерт за управување со конфликти кој предава на Школата за напредни меѓународни студии “Џон Хопкинс“ во анализата за „Форин полиси“.
Во Бугарија сојузниците на Путин се подготвени да го искористат самиот процес на пристапување во ЕУ за да го уништат суверенитетот на колегата сојузник во НАТО – Македонија. Под плаштот на загриженост за „еднаквоста на македонските Бугари“, како што вели Радев, Софија бара квоти во јавната администрација и широко прифаќање на бугарскиот идентитет во Македонија. Во комбинација со насилните промени на историскиот наратив, Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава. Москва разбира дека тоа ќе го постави теренот за понатамошна дестабилизација во регионот, бидејќи Србија, Грција и Албанија ги застапуваат сопствените историски и територијални претензии во земјата.
Инаку, во својот напис Едвард Џозеф, меѓу другото, тврди дека „екстремниот бугарски национализам има една сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет“. Решението, според него, е САД (и сојузниците, како Велика Британија, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Македонија што го потврдува македонскиот идентитет.
– Решението е Соединетите Американски Држави (и сојузниците како Обединетото Кралство, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон) да склучат билатерален културен договор со Македонија што го потврдува македонскиот идентитет. Договорот би можел да биде склучен брзо согласно неодамна отворениот Стратешки дијалог меѓу САД и Македонија. Клучниот текст би требало да биде земен од членот 7 од Договорот од Преспа – спогодба почитувана преку Атлантикот. Владата на САД едноставно „ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик“ – токму таков идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат.
Како одговор, Радев, најверојатно, ќе удри против САД и ќе мобилизира антиамерикански протести. Тоа е казна што вреди да се истрпи за да се заштитат интересите на САД – смета Џозеф.
Со обезбедување силна политичка одбрана на идентитетот на Македонија од страна на САД, слично на испраќање воена помош за одбрана на територијата на една нација, Бугарија би се соочила со реалноста на бесмислената залудност на нејзината мисија, убеден е Џозеф. Тој смета дека „идејата за признавање на македонскиот идентитет е природна за искусен политичар како што е Бајден“, потсетувајќи дека тој како претседателски кандидат во август 2020 година им ја честита на американските Македонци годишнината од Илинденското востание, кое е меѓу спорните историски настани што ги влошуваат бугарско-македонските односи.
– Американскиот претседател Џорџ В. Буш создаде преседан во оваа сфера, кога неговата администрација (поради грчките приговори) ја призна државата што тогаш се нарекуваше Република Македонија со нејзиното уставно име во 2004 година, за да спречи да избувне етнонационална криза. Заедно со придобивките, официјалното потврдување на македонскиот идентитет е исто така вистинската работа – средство за запирање на малтретирањето во стилот на Кремљ од страна на еден сојузник на НАТО против помал сојузник на НАТО кој бара свое место во Европската унија – заклучува Џозеф за “Форин полиси“.