Беснеат стотици пожари, има и жртва, уништени над 300 објекти: Викторија прогласи зона на катастрофа

Стотици пожари продолжуваат да беснеат низ австралиската држава Викторија, оставајќи зад себе уништени домови, изгорени огромни површини земјиште и десетици илјади жители без електрична енергија. Властите потврдија и  човечка жртва,  во една од погодените области се пронајдени човечки остатоци.

Пожарите избувнаа во средината на неделата за време на екстремен топлотен бран што го зафати југоистокот на Австралија. Според официјалните податоци, досега се изгорени повеќе од 350.000 хектари грмушести и шумски предели, а најмалку 32 пожари сè уште се активни, од кои неколку на највисоко ниво на опасност.

Над 300 објекти, вклучително куќи, фарми и помошни згради, се целосно уништени, додека околу 38.000 домови и деловни објекти останаа без струја. Надлежните предупредуваат дека ова се најтешките пожари во Викторија од катастрофалното „Црно лето“ во 2019–2020 година, кога пожарите зафатија област со големина на Турција и однесоа 33 животи.

Премиерката на Викторија, Џасинта Алан, прогласи „зона на катастрофа“, што овозможува итни овластувања, задолжителни евакуации и дополнителна мобилизација на ресурсите.

– Илјадници пожарникари се на терен и прават сè што е можно за да го запрат ширењето на огнот. Каде и да можеме, ќе се обидеме да ги ставиме пожарите под контрола – изјави Алан на прес-конференција во Мелбурн.

Еден од најголемите и најопасни пожари се шири во близина на градот Лонгвуд, околу 112 километри северно од Мелбурн, каде што се изгорени над 142.000 хектари земјиште, уништени се околу 30 згради, како и бројни лозја и обработливи површини.

Десетици заедници се евакуирани, а голем број национални паркови, кампови и туристички зони се затворени. Властите предупредуваат дека опасноста останува висока и дека пожарите би можеле да горат со недели доколку временските услови не се подобрат.

Aвстралискиот прaјминистер Ентони Албанезе изјави дека нацијата се соочува со денови во кој може да се очекуваат „екстремни и опасни“ пожари, особено во Викторија, каде што поголемиот дел од државата е прогласен за „зона на катастрофа“.

„Во ова тешко време, моите мисли се со Австралијанците во погодените регионални заедници“, рече Албанезе во телевизиско обраќање до нацијата.

Федералната влада најави и итна финансиска помош за погодените семејства и локални заедници, додека службите за итни случаи апелираат граѓаните строго да ги следат предупредувањата и наредбите за евакуација.

Останати вести