Битола: Заврши најголемиот фестивал на кинематографериво светот – ИФФК „Браќа Манаки“

Во Битола заврши 45-то издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој траеше седум дена и се одвиваше под слоганот „Еден е Манаки“.

– Се надевам дека сега на сите им стана јасно дека на браќата Манаки не им требаат наводници во слоганот зошто суштината е во нивните бесмртни филмски дела и во бесмртните дела на авторите кои како гости ни доаѓаат секоја година на овој фестивал. Еден е Манаки. И една е Битола. И една е Битола која го заслужува овој фестивал. Од оваа година песната „Ако одам во Битола, ќе прошетам по Широк Сокак“ доби уште едно убаво значење. Со поставувањето на ѕвездите на добитниците на нашата награда за животно дело, Широк сокак стана и сокак на славните, на филмот, сокак на најдобрите кинематографери, рече на затворањето на феестивалот директорот Симеон Мони Дамевски.

Присутните ги поздрави и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

– Битола е горда на успешноста и уникатноста на уште едно фестивалско издание кое создаде трајни спомени кои значат почит на креативноста, но и силна културно-туристичка промоција и атракција за нашиот град, рече Коњановски.

Наградата „Златна Камера 300“ за животно дело му припадна на францускиот кинематографер Бруно Далбонел, а ја врачи премиерот Христијан Мицкоски

Наградата „Златна камера 300“ на 45. ИФФК „Браќа Манаки“ ја доби кинематограферката Џудит Кауфман за филмот „Наставничка канцеларија“. „Сребрена камера 300“ отиде за Ранабир Дас за филмот „Сè што замислуваме како светлина“, за кој жирито рече дека станува збор за мошне иновативна и интересна презентација на кинематографијата, а со „Бронзена камера 300“ е награден Расмус Видебек за данскиот „Ветената земја“, за „неговото мајсторско толкување на денешницата“.

Жирито на официјалната програма го сочинуваа: Џон Сил, претседател, Ањес Годар, Џевахир Шахин, Биргит Гудјонсдотир и Владимир Блажевски.

Наградата „Железна камера 300“ за најдобар документарец ја доби Хатем Нечи за „Најголемата лага“.

На свеченото отворање беше врачена и наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) – „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, чиј добитник годинава е Димитар Грбевски, македонски филмски и телевизиски монтажер.

Битола е единствениот град во светот каде што има ѕвезди на кинематографери, a фестивалот е најстариот во светот од овој вид. Со „Патеката на славните“ на најубав начин се промовира фестивалот и Битола пред светската филмска јавност. Благодарност за идејата и реализацијата на проектот искажа Милтон Манаки, кој ги откри ѕвездите на своите прадедовци Милтон и Јанаки Манаки. На „Патеката на славните“ се уште и ѕвездите на: Питер Бижу, Роби Милер, Џон Сели, Сер Роџер Дикинс, Крис Менгес, Кристијан Бергер, Валтер Карваљо, Данте Спиноти, Ентони Дод Ментл, Ед Лахман, Ричард Ленжевски, Хозе Луис Алкањ, Били Вилијамс, Свен Никвист и Бруно Далбонел. Секоја година ќе се додава по една нова ѕвезда (секако, откако Управата за заштита на културното наследство ќе даде дозвола за овој проект, што засега отсуствува!?)

Останати вести