Пишува: Раде Силјан
Марко К. Цепенков (Крушево, 1829–1920, Софија) според вкупниот фонд на собраните народни умотворби, како и според жанровската разновидност на фолклорните материјали, е најголемиот собирач на македонски народни умотворби. Но, неговата големина не е само во бројот на собраните приказни. Важен е фактот дека тој е своевиден креатор во обликувањето на приказните, на кои им давал свој личен печат. Во својот пристап не се разликува многу од големите европски собирачи (Браќата Грим, А. Н. Афанасјев, Андерсон и др.). За разлика од нив повеќе се придржувал кон изворноста на јазикот и кон народната приказнична традиција; при конечното обликување на собраните приказни, особено се ориентирал кон прилепскиот говор, со што приказните се непосредни и животворни.
Фолклористичката страна на приказните на Марко Цепенков секако треба да се постави на прво место, особено нивното богатство по жанрови и жанровски разновидности. Всушност, во македонската средина се создале и се зачувале многу ретки мотиви на приказни; некои се од интернационален карактер, зашто Македонија е крстосница меѓу Западот и Истокот, што овозможило во нашата средина да продрат бројни приказни и од други народи. Согледувањата на Кирил Пенушлиски укажуваат дека покрај приказните за животни и волшебните приказни, по своето значење се издвојуваат приказните-легенди со христијанска, морализаторска тематика. Многу од нив се формирани од библиски, хагиографски и апокрифни мотиви, но исто така во нив е видливо и творечкото чувство на Цепенков, неговиот однос кон религијата и кон одделните етички прашања. Исто така, меѓу приказните доминантно место заземаат анегдотите. За нашата историја и наука тие се многу значајни. Во нив реалистички се опишани секојдневните настани и случки од животот на нашиот народ и неговите односи со другите народи со кои тој заедно живеел или доаѓал во контакт во својата многувековна историја.
Преданијата на Цепенков претставуваат вистинска драгоценост. Тие се непорекливо сведоштво, а најубавите меѓу нив (оние што биле по својата тематика подложни да се вообличат како приказни, што инаку не е својствено на преданијата како жанр), тој мајсторски, во духот на македонското приказнично творештво, ги преточувал и ги оформувал во вистински раскажувачки бисери, па не случајно многу од нив инспирирале наши писатели, кои создале прекрасни литературни дела.
Народната проза на Марко Цепенков не е ограничена само на приказни. Интересен раскажувачки материјал (фолклорен и етнографски) пружаат верувањата што ги забележал и успешно ги трансформирал во своевидни приказни. Зачувани во неговата оставина, верувањата првпат беа објавени во деветтата книга од неговите Избрани дела приредени од Кирил Пенушлиски. Овие кажувања се оформени според раскажувачката техника, при што се задржани својствата на народното приказнично творештво. Во нив тој мошне успешно ги опишал и ги анализирал траумите на луѓето и „средбите“ на натприродните суштества (сеништа, вампири, ѓаволи, нави, чуми…).
Насобраниот материјал, кој Марко Цепенков грижливо го систематизирал, останал недостапен за јавноста сè до неговата преселба во Софија во 1888 година. Веќе во наредната 1889 година, во главниот град на Бугарија започнал да го публикува големото македонско народно богатство, кое предизвикало интерес кај научната јавност. Но, за жал, за време на својот долг живот тој не успеа да го објави целокупното свое дело. Умре во 1920 година во Софија, осамен и заборавен од сите свои пријатели. И, како што забележал во некрологот А. П. Стоилов: „Малцина разбраа за смртта на скромниот труженик, зашто тој бесшумно беше испратен до вечното му живеалиште, и никаков венец не му ја украси катафалката“.
Меѓу првите кои ги забележале творечките предиспозиции на Марко Цепенков е Никола Ганчев Еничарев, за време на учителствувањето во Прилеп. Во своите спомени ќе констатира дека тој е гордоста на градот и неговите заслуги „треба вечно да се споменуваат од секој прилепчанец“. Притоа дава описи за самиот Цепенков, за неговата работа, за животот во средината во која секојдневно се движел. „Дребен по раст, облечен како секој базерџан (трговец-н.з) во долга антерија, со глава отспреди плоска, одзади издуена, скоро ќелава, погледот бистар, говорот благ и ѕвонлив… Во делнични дни го гледаш седнал скрснозе да шие или да крпи. Кога ќе дојдеше купувач ги оставаше на страна ножиците и ендезето, ќе ја свршеше работата, па пак свиваше врат над иглата. Истото стануваше и кога ќе му дојдеше некој на дуќан за прикаска. Тој ем си шие, ем прикажува или слуша. Одвреме-навреме ќе го погледа насмеано прикажувачот и ќе му речеше: Многу ми стана ќеф од тие зборови и веднаш ќе извикаше: Кавеџи, донеси едно каве во три чашки, да се напиеме со пријателите“.
На колективниот народен чин, Марко Цепенков му придодавал и нишка на длабока индивидуалност и создавал несекојдневна слика за времето, за луѓето и за просторот населен со едноставни, несекојдневни митски содржини. Низ сижејните проникнувања, тој го прифаќа духот на творештвото како систем од вредности, како разгранета народна материја која во богатството од досетки, од идеи и животни стории, се обединува во препознатлива и широко прифатлива целина. Низ својата самонаобразба, тој се реализира, често фантазирајќи и творечки надградувајќи го усното кажување. Марко Цепенков со страст ги собирал умотворбите и со уште поголема страст им ја давал завршната форма. Имено, тој поседувал вроден усет за суштината на народните творби, а во исто време бил и сесрден толкувач во однос на својот метод.
По многу години од неговата смрт, македонската наука за фолклорот започна систематски и во организирана форма да го истражува и да го толкува големото и непроценливо дело на Марко Цепенков. Но, најголема заслуга за откривањето и приопштувањето на неговите народни умотворби има професорот Кирил Пенушлиски, кој прв се зафати со дешифрирањето и со систематизирањето на богатиот фонд од приказни, завештан во народната библиотека на Бугарија.
Своите запишани фолклорни и етнолошки материјали Марко Цепенков ги собирал во Прилеп и неговата околина, но собирал творби и во Битолско, Скопско, Штипско, Велешко и Дебарско. Во вкупниот број публикувани и непубликувани дела на Марко К. Цепенков можат да се набројат повеќе од пет илјади и петстотини пословици и поговорки, осумстотини приказни, сто и педесет песни, сто гатанки, четиристотини поими, верувања и клетви, триста благослови, триста и педесет баења, две илјади и деветстотини соништа и нивни толкувања, седумдесет детски игри, јазичен и етнолошки материјал (речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и сл.). Целото негово дело е запишано на преодот на деветнаесеттиот и дваесеттиот век на убав македонски народен говор.
Приказната за „Силјан Штркот“ е најубавиот предглас на индивидуалното македонско уметничко прозно творештво. Во овој текст до особен израз доаѓа смислата за прозна композиција, градена од уверливи и силно прифатливи животни епизоди. Оваа приказна иако е во врска со магиските и со митските фактори, таа не е морализаторска, туку поетско-алегориска. Во неа е понуден говор во голем жанровски распон и е предадена широка слика на одредена и препознатлива цивилизациска средина. Приказната за „Силјан Штркот“ е проткаена со фантастика и со нестандардни обрасци на животот.