Пет гола, возбудливо второ полувреме и драматична завршница во Њукасл. Бродмедоу Меџик славеше со 3-2 против Аделаид Сити и го задржа лидерското место во групата Б од Австралискиот шампионат.
Фудбалерите на Бродмедоу Меџик ја продолжија својата одлична серија во Австралискиот шампионат, откако на домашен терен, на „Меџик парк“, го совладаа Аделаид Сити со 3-2 во натпревар од третото коло.
Магичните одлично го отворија натпреварот и уште во 11. минута стигна до водство. Езра Паломбини беше најснаодлив пред противничкиот гол и со прецизен удар ја искористи одличната комбинација со Луис Лара Делгадо за 1-0.
Бродмедоу продолжи да ја контролира играта во првиот дел, создавајќи неколку добри можности за зголемување на предноста. Аделаид Сити тешко доаѓаше до вистинска закана, па домаќините на паузата заминаа со минимално водство.
Во продолжението гостите се обидоа да ја променат сликата на теренот. Даниел Бресан во 47. минута имаше одлична можност за израмнување, но голманот Ноа Џејмс со одлична интервенција ја спаси својата мрежа, а топката заврши во пречката.
Клучните моменти се случија во завршницата. Во 74. минута Луис Лара Делгадо со удар со глава, по корнерот на Џеред Бејкер, ја зголеми предноста на 2-0. Само една минута подоцна, Бејли Велс со прецизен удар од далечина го заврши брзиот контранапад и донесе убедливи 3-0. Се чинеше дека натпреварот е решен, но Аделаид Сити не се предаде.
Франческо Скимизи во 77. минута намали на 3-1, враќајќи ја неизвесноста, а во 87. минута Бејли О’Нил по мешаница пред голот постигна уште еден погодок за 3-2.
Гостите во завршницата тргнаа по израмнување, но Бродмедоу успеа да го издржи притисокот и да ја зачува предноста за голема победа пред своите навивачи.
Со овој триумф Бродмедоу Меџик останува непоразен и се зацврсти на врвот на групата Б со осум бода по три одиграни натпревари. Од друга страна, Аделаид Сити останува со само еден бод и ќе мора да бара подобри резултати во продолжението од групната фаза.
Во сабота, на 7 ноември, Бродмедоу Маџик гостува кај ВЕСТС АПИА со почеток во 15 часот.