Васка Илиева – кралица на македонската изворна песна

Силно ги брануваше емоциите на секој еден Македонец каде и да беше. Со своите настапи, носеше и радост и лек, будеше носталгија, и тага и болка, ама и безграничен патриотизам. Беше позната и барана насекаде, на сите континенти. Беше најголемиот амбасадор на Македонија, на исклучителниот македонски мелос, на македонската песна, на нашата особена вековна традиција и култура. Имаше причина да биде среќна. Секаде каде што гостуваше луѓето ја пречекуваа со френетичко скандирање. Велеше, додека можам да пеам ќе патувам насекаде и ќе ги веселам луѓето.

Светскиот успех и слава кои ги достигна, меѓутоа, не ја поштедија и не ја направија имуна на лични трагедии и човечки несреќи. Ама беше силна жена, и физички и карактерно. Ретко ведар човек, позитивна личност, со позитивна енергија. Комуникативна и отворена. Секогаш насмеана, подготвена за шега со секого. На нејзиното лице не можеше да се види израз на грижа, нерасположба, замисленост, лутина или тага. Само таа знаеше како и е во душата, тагата ја носеше закопана длабоко во срцето, навираат како река сеќавањата за Васка Илиева, неповторливата и некрунисана кралица на македонската изворна народна песна, чија животна приказна ја раскажа нејзиниот брат Трпе Бошковски.

Васка Илиева
(21 февруари 1923 – 4 мај 2001)

Пееше само македонски песни

– Васка беше своевиден феномен. Беше многу сигурна на сцената, со гордост кажуваше дека никогаш пред настап или концерт не ги чита текстовите на песните за да се потсети, велеше дека песните и се запишани длабоко во сознанието. Секогаш пееше во живо, за неа беше мачење пеењето на плеј бек затоа што нејзиното пеење доаѓаше од душата и не признаваше, како што велеше, отворање на уста и никогаш и не „запеа“ така. Секогаш пееше само македонски народни песни. Највеќе пееше патриотски песни, како и татко ми кој посветуваше големо внимание на песните од нашето револуционерно минато, па љубовни. Васка беше голем патриот, изгорена за Македонија и за судбината на македонскиот народ, открива братот Трпе.

Впрочем, нема генерација која не знае и не потпевнува по некој стих од песните кои таа и ги подари на Македонија. За половина век, колку што беше присутна на сцената, Васка Илиева отпеа безмалку 1.000 изворни македонски народни песни, различни по тематика, од кои 150 авторски композиции, и по текст и по музика.

– Голема оставштина и остави татко ми кој собираше народни песни. Васка се прочу и со интерпретација на добар дел од нив. За некои компонираше музика, а за инструменталните ноти, ја открива братот авторската нишка на сестра му Васка.

Меѓу многубројните антологиски хитови и денес препознатливи се: „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Излегол Невен Пејо“, „Сестра моли брата за вечера“, „Судбо моја судбино“, „Сношти појдов мила мамо“, „Кој што ме чуе да пеам“, „И ние сме деца на мајката земја“, „Четворица комити“, „Кога падна на Пирина“, „Излегол Јане Сандански“, „Таму далеку на Балканот“, „Заплакало е Мариово“, „Не плачи мајко, не жалај“, „Кога се мажеше што ти се чинеше“, „Врати се мило либе“, „Земјо Македонска“…

Васка Илиева е една од оние личности кои ќе бидат запаметени и по тоа што бескомпромисно се бореше за признавање на новосоздадените песни, на авторството на текстот и на композицијата на песните што се во стилот на народните, во време кога тие не се емитуваа преку Радио-телевизија Скопје. Таа и тогаш создаваше песни и ги пееше по концертите каде што беа широко прифатени од публиката.

– Нашето фолклорно богатство, изворниот народен мелос е неисцрпна ризница. Прашањето на авторството во народната песна, онаа што сега се компонира, кај нас е прашање кое се уште го нема добиено вистинскиот одговор: дали оној што ја компонирал народната песна може да биде и автор на истата? Мислам дека зад секоја, макар и онаа од пред век или два мора да стои еден автор. Ако неговото име денес не е познато, не значи дека песната никнала сама. Тогаш, зошто на новокомпонираните народни песни кои му се блиски на нашиот народен мелос, да не им се признае авторството?, беше ставот на Васка Илиева седумдесттите години од минатиот век. Таа самата се беше изгорела од неправди, да и ги присвојуваат авторските песни.

Васка Илиева всушност беше и неуморен трагач на народни умотворби на кои им даде мелодија. За нив има снимено голем број плочи и касети во сите музички продукции кои постоеја во поранешна Југославија, за европските дискографски куќи „Филипс“ и „Олимпик“, а по три нејзини касети се снимени во Австралија и во Америка. За жал во Македонија постои само една снимена касета со нејзиното име и глас за МРТВ и само едно ЦД, подоцна. Се срамела да каже дека за продукцијата на МРТ има снимено само една касета и тоа со „Песно македонска“.

– Оние кои ја сакаат македонската изворна народна песна за неа велеа дека е нејзино прво грло и ја почитуваа. Ама, повеќе надвор од границите на Македонија, прво во рамките на поранешна Југославија, и особено кај дијаспората, отколку тука – дома. Што на крајот се покажа како точно, не само преку (не)интересот за снимање на нејзини песни и нивна апстиненција во етерот: сестра ми земаше пензија преку Белграската естрада, каде од 1961 година работеше како слободен уметник, а само 1.000 денари како заслужен уметник на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“, каде што ја почна кариерата. Мислам дека таа реалност и тежеше, иако вешто го криеше разочарувањето.

Имено, Васка Илиева во Белград работела со белградскиот ансамбл каде што биле собрани најдобрите пеачи од цела Југославија. Секој пеел на својот мајчин јазик, Васка никогаш не пеела српски песни, секогаш ја популаризираше македонската изворна народна и патриотска песна. Во белградскиот ансамбл останала цели десет години. Откако Македонија се осамостои, сите естрадни уметници кои дотогаш работеа во Белград, се префрлија во Македонија. И Васка сакала да го направи истото, затоа што е Македонка родена тука, ама не можела затоа што и недостасувале шест месеци.

Со татко и во светот на народната песна

Родена е во Скопје, во населбата Чаир поточно во Бошњачко маало, во скромно но, многу весело музичко семејство, од мајка Доца и татко Тодор Велков Бошков, познат гајдаџија, еден од основачите на „Танец“, каде се приклучува и таа во 1950 година, како солист.

– Татко ни беше автор на хумористичната песна „Зајко кокорајко“ и беше прв гајдаџија. Васка беше мојата најстара сестра, покрај Ботка и Анѓа, а јас бев најмалиот. Со 17 години таа веќе беше мажена и работеше во Монополот. Таму пееше, а и дома пееше. Со сопругот живееја бедно, и иако татко ми на почетокот не се согласуваше со нејзината желба, таа собра храброст и запеа и, и покрај незадоволството и патријархалното воспитување на мажот и, оти морала да оди и на турнеи, се вработи во „Танец“, евоцира братот. Тој додава дека, ако на почетокот не добила негова поддршка, подоцна веќе имала разбирање од негова страна.

За тие свои почетоци Васка во една прилика ќе изјави: “Професионално пеам од 1950 година. Татко ми работеше во ‘Танец’ и од немајкаде ме вработи таму, знаеше како пеам и со кои гласовни квалитети располагам. Рака на срце и ни требаа пари, бевме многу бедни, а на ‘Танец’ му требаа солисти, тогаш имаше само играорци. И само што почнав да работам, заминававме на турнеја. Турнејата траеше еден месец, а мене мојот сопруг не ме пушташе. Татко ми ме пушташе, а тој не сака да слушне. Јас заминав, а кога се вратив, тој ми ги зеде парите, ми ја искина носијата и ме остави на два ума – да продолжам да пеам или да останам со него? Еден ден сепак решив да му се вратам на пеењето, а маж ми ако сака нека ме остави, си реков, вака повеќе не може. И така останав со песната и со музиката“.

По некоја година, поради недоразбирањата со одговорните во „Танец”, затоа што не и дозволуваат да пее кога нема концерти, Васка Илиева наоѓа ново вработување и тоа во Радио Скопје како солист. По четири години минати во Радио Скопје решила да биде слободен уметник и сама да си ја гради кариерата.

– Често знаеше да каже дека колегите и биле љубоморни, затоа што таа во народот беше многу популарна. Докажувајќи се со прекрасниот глас надвор од Македонија, ценејќи ги нејзините квалитети и понудиле да биде член во Здружението на слободни уметници во Белград. Со белградскиот ансамбл работела 10 години и со негова помош се вивна на врвот на популарноста.

– Во Белград сестра ми не живееше постојано, само долго време престојуваше таму. Повеќе може да се каже дека беше постојано на релација Белград – Скопје – Европа – Америка – Канада – Австралија – Русија… Меѓу нашинците во Пиринскиот и Егејскиот дел од Македонија, во Мала Преспа, Албанија… Постојано на турнеи.

Васка многу сакаше да биде мајка, да има деца, ама ете судбината се поигра со неа да остане цел живот сама. Роди машко дете но тоа почина само ден-два подоцна во болница. Но Васка никогаш не се помири со тоа и цел животр се сомневаше дека детето и го одземале и дека е живо. На сите ни е јасно дека во песната бараше и лек и утеха и бегство. Судбината се поигра повторно со Васка и многу години подоцна. Во екот на нејзината кариера, во нејзината петта деценија, таа се разведе од првиот сопруг, Христо Кице Илиев и потоа пак се омажи за војното лице Ристо Глоговац. За кратко.

За сите беше шок што се разведува на стари години, што се вели. Се премажи од каприц. Беше јасно дека не станува збор за цврста врска што се покажа со разводот по само две-три години брак. Вториот развод го дочека на 57 години.

Набргу по разводите и двајцата сопружници починале.

Братот раскажува дека по распадот на првиот брак, Васка си го задржа презимето Илиева затоа што со него ја стекнала целата популарност. Откако се омажила по втор пат го додала презимето Глоговац, од вториот сопруг и на неколку плочи што ги има издадено во тој период од својот живот се има потпишано Васка Илиева-Глоговац.

Доајенот на македонската музика Васка Илиева со големо македонско срце и секој нејзин здив посветен на македонската песна, замина во легендите на 4 мај 2001 година во родното Скопје во 78-та година од животот, со песните за големиот Гоце Делчев. Фаталниот мозочен удар ја пресретнал во нејзиниот дом кога се подготвувала за снимање за одбележување на смртта на легендарниот Гоце Делчев. На голем ден за Македонија, каква што беше и таа самата, и како уметник и како човек за својата татковина. Затоа што со својот извонреден талент и љубов кон Македонија Васка Илиева направи повеќе за зачувањето на македонската свест и подигање на македонскиот дух кај Македонците надвор од границите на Република Македонија, од било кој друг. Истовремено, огромна е нејзината заслуга и за зачувањето и популаризацијата на македонската народна песна.

(МИА)

Останати вести