Весела пописна математика

Пишува: д-р Самоил Малчески

Деновиве во јавноста е актуелна темата Попис 2021 година… но, во првиот сет на податоци недостасуваат податоци за етнички и религиозни карактеристики на 132.000 жители на Република Македонија, а спорни се и податоците за образовни каратеристики бидејќи 20 години е предолг период за да можат истите административно да се евидентираат, како и податоците за функционалната попреченост. Оттука, вака презентираните податоци во овој сет на податоци се тотално неупотребливи и затоа пописот треба или да се поништи или да се дополни. Притоа, кога на сето ова ќе се додаде дека во изминатите неколку денови сведоци сме на менување на податоците од страна на ДЗС се повеќе е јасно дека пописот вака спроведен е нерелевантен.

Чудни бројки

Но, ако малку подетално се навлезе во бројките може да се видат неколку недоследности во истите. Имено, според податоци објавени во Статистики годишници на ДЗС живородени деца од 0 до 14 години имаме 310.617. Ако од оваа бројка се одземат починатите во 0 година и помеѓу 1 и 14 години, станува збор за 2.654 и 825 деца, соодветно, доаѓаме до бројка од најмногу 307.138 деца на возраст од 0 до 14 години кои моментално треба живеат на територија на Република Македонија, доколку некои од нив не се иселени, а доселување скоро и да немаме. Но, ако ги погледнете податоците кои Симевски ги објави на фамозната прес-конференција, според пописот во овој момент на територија на Македонија живеат 311.347 деца на возраст од 0 до 14 години. При евидентно иселување на цели фамилии, некој во ДЗС, а посебно Симовски треба да објасни зошто бројките не се совпаѓаат, т.е. од каде според објавените податоци за пописот испаднаа 4.209 или околу 1,5% повеќе деца на возраст од 0 до 14 години?

Чудна бројка на вкупно население

Исто така, сомнителна е бројката на вкупно население, резидентно и нерезидентно. Имено според таканаречениот попис таа бројка изнесува 1.836.713 резидентно и 258.932 нерезидетно население или вкупно 2.095.645 жители. Но, според пописот во 2001 година сме имале 2.022.547 жители. Ако на оваа бројка се додадат живородените деца во период од 2002 до 2021 чија што бројка изнесува 456.505 деца и ако од нив се одземат починатите лица во периодот 2002 до 2021 година чиј број е 401.896 доаѓаме до бројка од 2.077.156 жители што е за 18.489 помалку од презентираните бројки со т.н. попис на Симовски. Тука треба да напоменеме дека државата има право да по одредени околности додели државјанства, но сигурно на пописот не се попишале или самопопишале белосветските криминалци на кои Спасовски и Владата им дадоа или пак можеби продадоа државјанства.

Тука треба да се напомене дека според МВР во овој момент имаат издадено околу 2,5 милиони државјанста и бројките и процентите во МВР се добро познати, а ги имам и јас, нели постојат свиркачи. Оттука, ако Симовски дозволи административно евидентирање на пописот како и самопопишување на дијаспората, тогаш зошто административно не ги попиша и тие околу 400.000 граѓани кои имаат Македонско државјанство? Зошто Симовски и ДЗС за една иста операција имаат двојни стандарди? Која земја членка на ЕУ или НАТО ја користи методологијата што ја користеше Симовски и тоа на ваков начин, за една иста работа две различни постапки?

За крај, многу прашања за кои ДЗС и Симовски треба да дадат одговори, се разбира ако ги имаат! Изговорите од типот печатна грешка, во лош период беше пописот, луѓето се сончаа на плажи во соседните држави итн. се смешен обид на Симовски и неговите политички ментори за прикривање на неспособноста и лошо спроведениот попис. Исто така, тоа што Симовски не дозволува увид во пописните резултати е уште еден невешт обид да се сокрие вистината!

Оставки и одногорност не очекувам, зошто тоа е мисловна именка за оваа Влада и нивните функционери. Она што очекувам е после промените кои неминовно ќе се случат, да има истрага со која ќе се покаже кој си играл попис во државата и некој конечно да одговара за сторените злоупотреби.

Останати вести