Екипата на Рокдејл Илинден успешно ја отвори новата сезона во НПЛ Нов Јужен Велс, совладувајќи го подмладокот под 21 година на Вестерн Сиднеј Вондерерс со 2:0 на гостувањето минатава недела.
Рокдејл одигра дисциплиниран и зрел натпревар, при што ја контролираше играта од 53 минута кога беше исклучен еден играч на домаќинот. Во клучните моменти знаеја како да ги искористат своите шанси што се отворија со играч повеќе, и со постигнатите погодоци на Спиранза во 69` и капитенот Бреднан Чолакијан во 71 минута ја запечатија победата.
Младата екипа на Вестерн Сиднеј Вондерерс до крајот немаше доволно офанзивна прецизност за да го загрози голот на “комитите“. Одбраната на Рокдејл Илинден функционираше сигурно и не дозволи сериозни закани до самиот крај на натпреварот.
Со оваа победа, Рокдејл Илинден ги освои првите три бода и испрати јасна порака дека ќе биде сериозен фактор во шампионатот, додека Вондерерс ќе мора да побараат поправка во наредните кола.
Во недела, на 15 февруари, Рокдејл Илинден ја пречекува екипата на Маркони Сталионс со почеток во 16 часот.