По Владата и претседателот на државата Стево Пендаровски излезе со позитивен став во врска со европскиот предлог за симнување на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со ЕУ. По состанокот на Советот за безбедност, претседателот на државата објави пред јавноста:
– Модификуваниот француски предлог е транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот во овој формат е прифатлив, изјави Пендаровски.
Одлуката да се прифати модификуваниот француски предлог, нагласи, нема да биде ниту историски триумф на едната страна, ниту историски неуспех или дебакл за другата страна.
– Со прифаќање на предлогот ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и се дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите – поглавја и што е најважно со ништо не го поткопува македонскиот идентитет затоа што темелната одреденица за македонскиот јазик во предлогот има чиста формулација без фуснота, смета Пендаровски.
Очекувам, предлага тој, откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, да се донесат владини заклучоци, кои во случај да се прифати овој предлог, би морале да имаат реченица плус, а таа реченица да се повтори во извештајот на Владата до Парламентот, а тоа е дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, не е битно колку години, ако има евентуално дополнителни обиди од бугарска или чија било страна во рамки на тие преговори со Европа повторно да се спомнуваат прашањата македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик, во истиот момент, да не чекаме ни час некој друг да не блокира, туку самите да се повлечеме од тие преговори.
Премиерот Ковачевски оствари средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во “Клубот на пратеници“ по што рече дека имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно израени ставови и за тоа не треба да имаме никакви дилеми.
– Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Ова беше најважното прашање за нас и затоа сакам да сум кристално јасен. Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти, ѕвездички, дообјаснувања и астерикси, изјави тој.
Ковачевски истакна дека предлогот ги става билатералните и историските прашања надвор од преговарачката рамка.
– Отворените прашања треба да бидат затворени, но за тоа ќе имаме време се додека истите не се достоинствени и за двете страни. Европската унија посочува дека тоа треба да се реши на билатералната основа и затоа ова не е никако дел од рамката за преговори. Добрососедските односи како такви се фундамент на ЕУ. Ние сме се согласиле дека ќе го прифатиме тоа како факт уште во 2001 година кога е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во тој дух, по тој принцип и по таа воспоставена пракса наша обврска како членка на Унијата ќе биде да работиме на добрососедските односи и тоа ќе го правиме преку исполнување на Договорот за добрососедство исто како што го правиме и со исполнување на Договорот од Преспа, рече премиерот.
Посочи дека протоколот меѓу Македонија и Бугарија не е нотиран и не е дел во преговарачката рамка. Тоа е билатерален документ кој не е дел од европскиот пакет.
– Овој конечен европски предлог овозможува безусловен старт на пристапните приговори на Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година. Преговорите со ЕУ ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот. Сите сме свесни за чувствителноста по однос на ова прашање. Лесно е да отфрлиме, да одложиме, да изберме нова неизвесност. Но, во овој историски момент е потребно рационално размислување со ладна глава, потребна е мудрост и одговорност и објективно анализирање на сите сценарија грижејќи се за иднината за нашите деца. Од ова прашаење не смееме да правиме дневна политика. Ова е историски важно и стратешко прашање на кое секој политичар, граѓанин треба да му пристапи многу сериозно, кажа Ковачевски.
Тој апелира сите да се држат до фактите, до официјалните документи и нивната правилна интерпретација. Ги повика сите политички чинители да ја земат предвид големината на задачата и да постапуваат конструктивно, одговорно и државнички.
Поддршка на францускиот предлог дадоа сите партии на Албанците во земјата.
Во однос на консултациите со Собранието, премиерот рече дека дискусијата во Собранието ќе се одвива во согласност со собраниските процедури, бидејќи како што рече, „Владата не може да наложува на кој начин ќе се води расправата“.