– Со нашите иселеници, со дијаспората разговараме како да се подобрат состојбите во Македонија. Првиот чекор е промената на власта на парламентарните и претседателски избори. И ги повикуваме сите наши кои што живеат надвор од Македонија да дојдат на 24 април и 8 мај во Македонија и да го искористат своето право на глас, како ВМРО-ДПМНЕ би освоило рекорден број на пратеници. И така не би било ВМРО-ДПМНЕ уценувано од никој од овие кои што се сега корумпирана елита на власт, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во изјава за вестите на „Алфа“ телевизија од Виена.
Николоски додаде дека на ВМРО-ДПМНЕ му треба чист мандат, со голем број на пратеници. Ако е возможно и 61 пратеник со цел да не биде уценувано и секако политичката партија ДУИ да оди во опозиција.
Тој посочи дека по победата на избори Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги исправа работите во државата кои што се последица од оваа ненародна и корумпирана власт.
– Потребно е пред се да се врати гордоста, македонската национална гордост кај Македонците, тоа е првата работа што треба да ја направиме. И секако втората работа е чистење на корупцијата и покренување на економијата со цел што помалку луѓе да ја напуштаат Македонија и секако оние кои што се надвор од државата да имаат можност да се вратат дома, порача Николоски.