Во американскиот Сенат предложена резолуција за чествување на македонскиот јазик, култура и 150-годишна улога на Македонцитево историјата на САД

Републиканскиот сенатор Мајк Брон претстави резолуција во американскиот Сенат, според која септември 2023 година би се прогласил за месец на македонско-американско наследство при што би се славеле јазикот, историјата и културата на македонските Американци и нивниот придонес за Соединетите Американски Држави (САД).

Во документот се наведува дека од 1880 година десетици илјади Македонци имигрирале во САД во потрага по граѓански слободи и права, верски слободи, подобри економски множности, но и како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција и комунистичката политика на Југославија.

Се додава дека денес, според проценките, низ САД има околу 500 илјади македонски доселеници населени во различни сојузни држави, главно во Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

„Овие македонски доселеници се населиле низ САД, придонесувајќи за нивните заедници на безброј начини како лојални граѓани. Македонско-американската заедница во Соединетите Држави е заедница која е вградена внатре во мозаикот на САД, учествувајќи во сите области од животот – бизнис, медицина, право, граѓански ангажман, технологија, војска, образование, уметност и многу повеќе“, се вели во текстот на резолуцијата.

Поединечно се нагласуваат успесите на македонските Американци во спортот, културата и медицината.

Според Мето Колоски, коосновач и волонтерски претседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) која ја поднесе иницијативата за резолуцијата, ова е важно за Македонија и македонскиот народ.

– Ова е признание за Македонците во Америка и нивната улога во унапредување на САД во последните 150 години. Слични месеци има за други етнички заедници во САД, и не бараме ништо друго освен поголемо признание на нашата заедница, која се претпоставува дека има над 500.000 Американци со некакво македонско потекло во САД, потенцира Колоски.

Истакнува дека Резолуцијата не е поврзана со уставните измени во Македонија. Колоски потсети дека слична резолуција беше прогласана во Мичиген пред три години, пред лошиот француски предлог.

– Имаше и две предлог-резолуции во Конгресот во минатиот состав. Ставот на ОМД е јасен, доколку Бугарија сака уставни измени во Македонија, да се стави некакво бугарско малцинство, нека Бугарија направи уставни измени кај нив и македонското малцинство во Бугарија да го признат како малцинство со сите човекови права. Бугарија треба да си го реши „македонскиот синдром“ што го имаат, дециден е коосновачот на ОМД.

Германскиот парламент на 15 јуни донесе резолуција за поддршка на европскиот пат на Македонија, во кој ја признава македонската култура, идентитет и јазик. Во документот се препорачува германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од поставување дополнителни услови. Истовремено Македонија е повикана да ја спроведе договорената промена на Уставот и да ги внесе етничките Бугари во земјата.

Останати вести