Мицкоски: “Влегуваат во политиката како голтари, доаѓаат на власт и потоа излегуваат како милионери“
Груби: “Знам многу такви од ВМРО-ДПМНЕ“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека оваа влада СДСМ-ДУИ е најнеспособна во Европа бидејќи не знае како да се справи со кризите кои ја погодија нацијата.
Посочи дека токму функционерите од оваа власт за 3,5 години им украле на пензионерите 20% од нивните пензии.
– Има пари за граѓаните доколку власта не ги краде. Влегоа во политиката како голтари, излегоа како милионери. А после тоа отвораат дури и фондации, рече Мицкоски при настап на ТВ21.
Од друга страна, пак, СДСМ за раскалашено однесување со буџетските пари ги обвини новите градоначалници во општините со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ.
Ден по Мицкоски на истата телевизија настапи вицепремиерот Артан Груби од ДУИ.
– Има многу членови во ВМРО-ДПМНЕ кои влегоа како „голтари“, а излегоа како милионери од политиката, рече Груби. Според него, ДУИ е единствена партија која нема корупциски афери и скандали (!?) а ако лидерот на опозицијата има некои докази за корупција нека се обрати до Обвинителството.
Груби продолжи дека не го познава доволно Мицкоски, но изрази надеж дека тој е за членство во ЕУ.
– Нам ни треба опозиција која не се среќава со рускиот амбасадор. Без разлика што Апасиев се сретна со него, но сепак сакам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ не се во коалиција со Левица. Сакам да верувам дека опозицијата е ориентирана кон западните вредности. Не го познавам од ова ВМРО-ДПМНЕ, не го познавам доволно добро Мицкоски и не знам какви вредности споделува Мицкоски, но сакам да верувам дека споделуваме исти вредности, додаде Груби.

На ова препукување се надоврза аналитичарот Ерол Ризаов, според кого Христијан Мицкоски со секојдневната загриженост за крадењето од државната каса на парите на граѓаните игра на картата на кратко паметење.
“Ако злоупотребата на власта е најсилниот извор на организираниот криминал и на највисоката корупција, на безмилосно осиромашување и ограбување на граѓаните, груба и насилна деградација на демократијата и најтешка блокада на побрзиот развој на државата, ако е тоа најголемата пречка за остварување на стратегиските интереси на Македонија – тогаш неминовно е за секој политичар заседнат со години во високата политика да почне со отстранување на гнилежот во својата партија. Или уште подобро и почесно, со извинување до граѓаните за направените злодела, тргнувајќи од фактот колку време неговата партија била на власт и што се ѝ направиле на оваа кутра држава и својот народ во децениското неконтролирано владеење и озаконето крадење и арчење на парите на граѓаните задолжувајќи ги до гуша сегашните и идните генерации.
Еве ги точните бројки кои сите ги знаеме, ама под напливот на секојдневните примитивни кампањи и партиски пропаганди, манипулации и лажни вести ги губиме од вид фактите:
– ВМРО ДПМНЕ од 1991 година до денес била 15 години на власт од кои 11 непрекинато;
– СДСМ е 14,7 години на власт;
– ДУИ на Али Ахмети е неприкосновен шампион во власта безмалку 20 години во партнерство или со СДСМ или со ВМРО ДПМНЕ, почнувајќи од првиот ден кога од илегална воена формација стана легална политичка партија.
Трите најголеми политички партии, било да се на власт или во опозиција, имаат најголема одговорност за сегашната состојба на државата. Тука се влезени и добро залегнати политичарите голтари, сега милионери и милијардери присутни и отсутни, малкумина во затвор, еден дел на обвинителна клупа во долгите судски процеси, мнозина на слобода во земјата, прилично спокојни и по некој избеган во азил, но се уште мошне активни…“, забележува Ризаов.