Пратениците на СДСМ и на ДУИ не гласаа за декларацијата за Гоце Делчев што ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, соопшти пратеникот Антонио Милошоски.
– На денешната Комисија за надворешна политика пратениците од СДСМ/ДУИ гласаа против Декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, со што истата не беше усвоена, објави Милошоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно истакна дека сакаат да добијат поддршка од сите политички партии кои што се парламентарни и вонпарламентарни со една цел да се зацврсти темелот за ликот и делото на Гоце Делчев.
Тој порача дека владата и Ковачевски прават голема грешка и дека испуштаат историска шанса да застанат на вистинската страна и го повика народот на будност.
– Со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се спремни да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа кое што нас ни е најмило. Со тоа што источниот сосед ја негира македонската вистина за Делчев, ни удираат во темелите. Со тоа што ја негираат нашата историја и јазик сериозно ги нишаат столбовите од нашиот дом. Со тоа што ни ја блокираат нашата европска иднина, не ни дозволуваат да имаме кров и облик на нашиот дом каков што сакаме да го имаме и каков што треба да го наследат генерациите после нас, рече Мицкоски.
Тој понуди единство за прашањата кои се важни за државата и нагласи дека е подготвен да ја премости секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси.
Во декларацијата се тргнува од одредбите на Уставот на Република Македонија, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на „жртвите и посветеноста на предците во заложбите и борбата за создавање самостојна и суверена држава“, како и на „традицијата на Крушевската република“.
Со декларацијата се предлагаше Пошта да објави јубилејна марка, во училиштата да се одржи историски час за Делчев, а државите музеи да организираат тематски изложби за големиот револуционер на македонското дело.