Во Шепертон за Водици се одржа прва богослужба на македонски јазик по 30 години

На големиот православен празник Богојавление (Водици), во Шепертон, Викторија, се одржа историско богослужение, со кое после три децении повторно беше служено на македонски јазик.

Со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и со пастирска грижа на Австралиско-сиднејската епархија, македонската заедница во Шепертон повторно го слушна празничниот поздрав „Бог се јави!“ на својот мајчин јазик. На богослужението присуствуваа бројни верници од заедницата што повеќе од 70 години живее во овој град.

Со богослужбата и чинот на осветување на водата началствуваше отец Гаврил (Галев), игумен на манастирот во Кинг Лејк, кој со молитвено достоинство внесе радост и духовно обновување меѓу присутните.

Настанот претставува значаен духовен и културен момент за македонците во Шепертон, како потврда за живата вера и стремежот кон зачувување на македонскиот јазик и православната традиција во дијаспората. Во наредниот период се најавува работа на основање македонска црковна општина во овој град, кој се наоѓа 190 километри северно од Мелбурн.

Останати вести