Дерби натпреварот заврши со убедлива победа на Сиднеј Македонија. Никој од присутните не се надеваа дека натпреварот ќе заврши со толку доминантна и заслужена победа на Сиднеј Македонија.
Не се чекаше многу за првиот гол, Смит (10’) се “прошета” во казнетиот простор и го совлада немоќниот Брус.
Истиот фудбалер, Смит во 30 минута после прецизно набацената топка од Томиќ го постигна (со глава) вториот гол, а со тој резултат заврши првото полувреме.
Во второто полувреме на сцена настапи капитенот Тодороски кој само за шест минути игра постига два гола. Во 51 минута бекот, Иса продре по десната страна, а набацената топка Тодороски без тешкотии ја смести во противничката мрежа. Од голема возбуденост Тодороски се упати кон навивачите без дресот, а судијата Вернат го “награди” со жолт картон.
Само пет минути подоцна (57’) откако Петрадос направи дар-мар во противничката одбрана несебично го послужи Тодороски кој со силен шут го зголеми резултатот на 0:4.
Конечниот резултат на овој натпревар го постави Петрадос во 66-тата минута откако ја искористи грешката на противничкиот голман, Брус кој направи почетничка грешка.
Во последното коло од првиот дел на првенството Сиднеј Македонија ќе игра со Дулвич Хил в сабота, на 21 мај, на домашното игралиште во Сефтон, со почеток во 19.00 часот.
