Реформите и преговорите меѓу Бугарија и Македонија мора да продолжат, бидејќи тие се условот за членство во ЕУ. И не треба да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Македонија и Бугарија, бидејќи станува збор за крајно различи ситуации. Ова го порачаа евроамбасадорот во МКД, Дејвид Гир и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер на виртуелна прес-конференција во Скопје.
Според нив Македонија веќе ги има исполнето условите за отворање на преговорите, така што следниот чекор што треба да се направи е да напредува кон отворање на пристапните преговори.
– Новиот геополитички контекст само ја зајакнува стратешката важност за стабилизирање на регионот, особено за Северна Македонија на премин кон нова етапа, а тоа е регионална интеграција, така што тој нов концепт не може да предизвика спротивни ефекти, велат амбасадорите.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се размислува прием на Украина по брза постапка во ЕУ, двајцата велат дека тоа не е можно.
– Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи, порачаа Гир и Бомгартнер.

Евроамбасадорот Гир рече дека не треба да се прават споредби на изјавата на претседателот на Русија Путин кон Украина со изјавите што на претседателот на Бугарија Радев кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите.
– ЕУ целосно ја отфрлува оваа споредба помеѓу двете ситуации. Немојте повеќе да го поставувате тоа прашање. Самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на Обединетите нации и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во Украина гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник, рече Гир.
Во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има спор, но според него Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Македонија. (И Русија беше прва што ја призна независноста на Украина во 1991). Таа прва што го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО, а во изминатите неколку дена помага за евакуација на македонски граѓани од Украина.
Францускиот амбасадор Бомгартнер смета дека европскиот модел е на неупотреба на сила, затоа што се бара решение преку дијалог и дипломатија. Тој смета дека треба да продолжат преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
– Да ги оставиме тие што преговараат меѓу себе да најдат решенија. Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со највисоко внимание и се подготвени кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес, за да може во најкраток и најбрз можен рок, овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех што сите го посакуваме, вели Бомгартнер.