На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за Македонија од 4 за 24 јуни.
Вајц во образложението на предлогот нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече Вајц.
Тој нагласи дека целта на ова барање е да им даде можност на неговите колеги европратеници, особено оние од редовите на десничарските пратенички групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) „да ги ажурираат своите лоби регистри“.
Вајц му се обрати директно на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од партијата Има таков народ (ИТН), која е членка на ЕЦР, посочувајќи дека тој самиот најавил три лоби состаноци.
– Знам дека понекогаш сме малку преоптоварени со работа во нашите канцеларии и сакам да ви дадам можност да ги ажурирате вашата лоби регистри и да се навратиме на ова гласање на 24 јуни – додаде Вајц.
Претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер, по ова, изјави дека согласно практиката нема потреба за гласање по предлогот, бидејќи тој доаѓа од предлагачот на Извештајот и само констатира дека изјаснувањето по документот е одложено за 24 јуни.
Што содржи документот?
Во Предлог-извештајот за 2023 и 2024 година за Македонија, подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц, се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.
„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани. Ги охрабрува сите политички партии во Северна Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, се потенцира во Предлог-извештајот на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава.
Во документот, меѓу останатото, се наведува дека демократските институции во земјата функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и се повикува на интензивирање на напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.
На основниот предложен текст на Извештајот, кој беше објавен на 18 март, беа поднесени вкупно 313 амандмани, од кои повеќето дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои се вметнуваат нови содржини или оценки.
Посебно внимание предизвикаа амандманите се кои се нагласуваат македонскиот јазик и идентитет. Така, самиот Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер предлагаат амандмани за вметнување нова Точка Д-а со идентична содржина: „Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
Холандскиот европратеник Тајс Ројтен предложи додавање алинеја 19а во Извештајот, која би гласела „Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“. Ројтен предлага уште еден амандман и тоа на Членот 2 за негово дополнување со текстот „со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“, додека, пак, Вајц предлага надополнување на истиот член со зборовите „и целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.
Амандман на Членот 2 заеднички предложија европратениците Ден Барна, Урмас Пает и Петрас Ауштревичиус со кој се бара вметнување на текстот „и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик“.
Хрватските европратеници Карло Реслер и Давор Иво Стиер предлагаат нов Член 2б кој би гласел „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјата и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.
Мицкоски отфрли пред „македонскиот идентитет“ да стои зборчето „сегашен“
Во пресрет на седницата на АФЕТ, претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека очекува поддршка на предлозите кои „ги гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, бидејќи во спротивно тоа „ќе зборува многу лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“.
– Искрено, не очекував во 21 век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани, замислете во 21 век да оспорувате нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција која е дел од ЕУ во чии основни, конститутивни документи како Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокантно – нагласи Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека е значајно што во Извештајот првпат се спомнува посебен македонски идентитет, со што, според него, Европа има шанса да ја исправи историска неправда и да наведе дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик.
Тој нагласи дека предлозите на некои бугарски европратеници во Извештајот пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“, претставува обид да се наметне тезата дека македонска нација е вештачки создадена на корените на бугарската нација.
– Јас тоа нема да го прифатам и ќе го отфрлам и никогаш нема да го прифатам, зашто тоа нема никаква врска ниту со европските, ниту со какви било вредности , рече категорично Мицкоски.