Голема трагедија во Кочани: Се запали дискотека, загинаa59 лицa а над 100 се повредени

Стравични сцени и драматична борба за спасување на повредени и преживеани се случуваше во неделата во раните утрински часови во Кочани, пред дискотеката „Пулс“. Бројот на загинати млади се искачи до 59 а бројот на повредени е над 100.

Во гаснењето на пожарот и спасување на младите пристигнаа против пожарни екипи од сите градови на околината, како и возила и медицински екипи.

Кобниот настан се случи на 16 март во 2:35 часот по полноќ, кога поради употреба на пиротехнички средства дошло до пожар за време на концертот на дуото „ДНК“. Искри од т.н. „прскалки“ за светлосен ефект го зафатиле таванскиот дел кој бил од лесно запаллив материјал. Се верува дека внатре имало околу 1.500 посетители.

Како што пренесе Радио Кочани, на местото на настанот имало и стотици повредени.

„Возилата на Противпожарната заштита, возилата на итна помош не се доволни да ги спасат повредените деца кои буквално лежат на улица, додека дискотеката се уште е во пламен. Цивилни возила доаѓаат од сите страни за да помогнат и се упатуваат во правец на општата болница во Кочани“, со овие зборови Радио Кочани ја пренесуваше сликата од овој настан.

Голем дел од повредените се пренесени во Штип и Скопје.

МВР приведе неколку лица и ги презема сите мерки за истражување на причините за оваа трагедија.

– Секој еден кој погрешил ќе сноси одговорност. Ќе мора се изврши обдукција за идентификација на починатите. Дел од лицата кои се во рамки на соодветна постапка се приведени и дел од организаторите се тешко повредени, објави министерот за внатрешни Панче Тошковски. Тој не одговори на прашањата во врска со евакуацијата од дискотеката велеќи дека наскоро ќе има детали.

Починатите лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, кажа директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска.

Низ болниците во Скопје има уште 18 пациенти во критична животозагрозувачка состојба, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.

Кој дозволил да има дискотека во трошен објект, поранешен магацин за теписони?

Објектот во кој работела дискотеката „Пулс“ бил стар објект, стара градба и очигледно сосема несоодветна за таква намена. Порано овој објект, кој се наоѓа во близина на станбена зграда во Кочани, бил магацин за теписони. И покрај тоа објектот од општината добил дозвола да биде дискотека.

Дискотеката работела во овој објект повеќе години. Досега се смениле неколку сопственици. Сегашниот сопственик, кој е веќе приведен, секогаш бил дел од сопственичката структура на дискотеката.

Лиценцата на дискотеката истекувала на 24 март.

Останати вести