Сте чуле ли некогаш за „Светската сланинијада“ во Србија? И, можете ли да замислите дека покрај сите страствени производители на сланини во светот, победник е Македонец? Да, токму така – најдобрата сланина е производ на семејството Гавриловски од Гостивар. Која е тајната на домашната сланина на Дамјан и Билјана?
– Нашата цел е да правиме домашни производи кои ќе се истакнуваат по квалитетот. Не сонуваме да бидеме индустриски производители, вели за “Дојче веле“ Дамјан кој е првиот регистриран производител на традиционална храна во Македонија. Дури ни во законите немало такво нешто но тој им благодари на надлежните од Агенцијата за храна кои препознале дека во неговиот случај треба да се помогне а не да се одмага.
Гавриловски произведуваат сувомесни производи во својот двор во Гостивар. Во вкусно уредениот двор имаат неколку пушници, а дел од куќата е претворен во место за подготовка на месото кое го солат исклучиво со морска сол и го чадат на букови дрва. На крајот решиле и гаражата да ја пренаменат во просторија за зреење на месото.
– Почнавме со правење на домашни колбаси, зашто сите дома сме гурмани. Како што ја проширувавме палетата, така сите дома сме ангажирани. Сега правиме и печеница, сланина, врат и пршута. Воедно сме и најригорозните оценувачи дека нешто чини или не чини, вели сопругата Билјана.
Гавриловски се победници на “Светската сланинијада“ 2022 што се одржа во Качарево, Србија.
– Да победиш една Шпанија, Италија, Романија, Бразил, Србија, Црна Гора – каде што имаат голема традиција – е голема работа. Посебно сум горд што како Македонец мојата сланина доби највисока оценка, рече Дамјан кој и претходно има освојувано награди на слични натпревари.