Македонскиот репрезентативец Горан Пандев изненадувачки смени клуб на последниот ден од преодниот рок. Ја напушти Џенова за да игра за Парма до крајот на сезоната, објави „Скај Спорт Италија“.
Џенова го ослободи популарниот Гранде Пандев за да игра во нападот на тимот кој се натпреварува во Серија Б. Се работи за позајмица до крајот на сезоната. Тимот од „Енио Тардини“ има интересна екипа составена од поранешни калчолигашки играчи, а капитен на тимот е легендарниот голман Џанлуиџи Буфон (има 44 години).
Од Италија тврдат дека на 31 јануари околу 17 часот двете страни имале телефонски разговор кој брзо завршил со „ДА“ од страна на Горан Пандев. Дозвола за трансферот се добила и од тренерот Џузепе Јакини.
Парма во моментов се наоѓа на дванаесеттото место во Серија Б и ќе биде седмиот тим за Пандев во Италија затоа што тој претходно, покрај за Џенова, тој играше за Наполи, Интер, Лацио, Анкона и Специја. Најдобар учинок имаше во Лацио, но најдлабока трага остави во Интер со кого ја освои „триплетата“ во 2010 година. Пандев една сезона „паузираше“ од Италија (2014/2015 ја мина во Галатасарај од Истанбул), по што се врати одново на „чизмата“.
Гранде Пандев се прости од националниот тим на Македонија на последниот натпревар на ЕВРО 2020, кое се одржа минатата година.