Данела од “мајка на градот“ стана “злобната маќеа“

„Го зголемивме бројот на автобуси“ – „Не лажи!“

Приватните автобуси кои одржуваа дел од линиите низ Скопје побаруваат скоро 2 милиона евра за неисплатени (а фактурирани) побарувања од август до ноември. Поради тоа тие престанаа да возат, образложувајќи дека немаат пари за нафта ниту за плати. Раководството на ЈСП “Скопје“ и градоначалнчката Данела Арсовска не сакаат да разговараат со приватниците. Тврдат дека нема долгови кон нив (всушност велат дека фактурите се пресни, не се толку одамна) и дека кој не сака да вози не мора. А кој сака може да самостојно се јави на огласот што наскоро ќе биде објавен, наместо да биде во едно од двете постоечки здруженија на приватни превозници со кои градското раководство отворено влезе во конфликт.

Во меѓувреме се случува хаос на скопските улици. Во понеделникот приватните автобуси ја блокираа крстосницата кај Мавровка по што настана големо закрчување на сообраќајот. Претходно, без приватните автобуси на постојките се чекаше по час и половина, а со закрчениот сообраќај и по три часа!? На скопјани им е преку глава од конфликтите што ги создава  градоначалничката. Таа не успева да објасни во што е проблемот.

А на седница на Советорт на Град Скопје имаше одново бурна и напната атмосфера, со довикувања и надвикувања. Советниците од сите политички партии во Советот на Град Скопје бараа одговори од градоначалничката Арсовска и од директорот на ЈСП „Скопје“ Александар Стојковски. Советниците прашуваа зошто не се плаќа долгот на приватните превозници, поради што тие престанаа да возат и нема доволно автобуси на улиците, па со саати се чекаат возила на постојките.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски праша зошто досега не е подмирен долгот и кога ќе се подмири, затоа што додека тоа не се случи јавниот превоз во Скопје ќе биде во колапс.

– Сте виделе ли дека луѓе со саати чекаат на станиците, сте виделе ли дека автобусите се преполни. Граѓаните доцнат на работа и мрзнат по постојките. Не можете да велите „нека не` тужат“, па ако го тужат Градот после ќе треба да се плаќаат пенали и судски трошоци и пак ќе нема ЈСП пари, па ќе барате од нас да гласаме да им се дадат субвенции – рече Андоновски.

Градоначалничката и директорот на ЈСП повторно истакнаа дека за време на нејзиниот мандат возниот парк на ЈСП бил зголемен за двојно повеќе автобуси, а како што посочи директор на ЈСП, можеби некому му пречи тоа што што ЈСП станува вистински сервис на граѓаните и станува подобар превозник од приватните превозници.

– ЈСП на почетокот на овој мандат работеше со 140 исправни возила. Во изминатите 12 месеци се ставија во функција 270 исправни возила. Мојот впечаток е дека сите ние тука сме да го штитиме јавниот интерес. Доколку треба да го штитиме приватен интерес и приватни џебови, тоа е друго – рече Арсовска.

Во тој момент еден од советниците од место ѝ дофрла на градоначалничката: „Не лажи“.

Очигледно е дека на скопските улици нема толку автобуси колку што пријавува Арсовска.

Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров, побара одговор од градоначалничката колку картички им се издадени на приватните превозници и колку од нив се продадени, бидејќи обвинувањата на Арсовска дека тие се продавале, а не се пријавувале фискални сметки се многу сериозни.

– Ако велите дека имало такви злоупотреби, кажете колку билети се издадени од јавното претпријатие и за нив не се платени пари. Тие билети некој мора да ги издаде, не може приватниците да ги добијат од мене или некој советник. Покажете колку такви карти се издале ако е точно тоа ваше тврдење, бидејќи приватните превозници велат дека такви карти не земале од ЈСП – рече Шутаров.

Возачите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ на неколку денови ги прекинаа блокадите на сообраќајот поради доаѓањето на германскиот претседател во Скопје. Затоа, пак, се заканија дека доколку до петок ЈСП “Скопје“ не почне да ги исплаќа (тие и не ги бараат парите наеднаш), тогаш сите свои 200 автобуси ќе ги паркираат по скопските улици.

Советниците реагираа дека градоначалничката и директорот на ЈСП не одговараат на прашањата што им се поставуват, туку зборуваат на сосема други теми. Советникот од ЛДП Никола Пановски револтиран од ваквиот однос на Арсовска ја напушти седницата.

– Десет месеци го трпам ова ваше однесување односно неодговарање на прашања. Немате култура на одговарања прашање. Ниту едно прашање не сте одговориле досега од почетокот на мандатот. Јас ќе ја напуштам седницата, а службите нека ми го земат слободно паушалот што ми следува од оваа седница – ѝ рече Пановски на Арсовска и излезе од салата.

Останати вести