Ќе има ли ново мнозинство во Советот на Град Скопје или следи блокада?
Градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска, влезе во отворен конфликт со ВМРО-ДПМНЕ откако почна “сечата“ на директори на јавни претпријатија што таа ги поставила а се припадници на оваа партија. Минатата седмица таа смени двајца: нејзиниот генерален секретар Ѓоко Велковски и директорот на ЈП “Водовод“, Златко Перински.
Само ден подоцна оставки поднесоа директорите на ЈП “Дрисла“, Јане Мицевски и на ЈП “Градски паркинзи“, Бојан Христовски. Двајцата се кадри на најголемата опозициска партија во земјата и образложија дека не сакаат да соработуваат со лице кое не ги почитува и не им дава поддршка, градоначалничката не била достапна за нив, не можеле да реализираат многу проекти и таа повеќе се бавела со хајки и пресметки. Всушност ситуацијата е пародија на народната: “Черешна се од корен корнеше, Данела се од ВМРО-ДПМНЕ делеше“.
Според образложението на Арсовска секретарот Велковски и директорот на “Водовод“ Перински се разрешени “поради обиди за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач“ во тендер од 136 милиони евра за пречистителна станица на водите на Вардар кај Скопје. Се работи за проект кредитиран од Европската банка за инвестиции со 68 милиони евра, од Европската банка за обнова и развој со 58 милиони евра, а останатите 72 милиони евра се грант што државата го обезбеди од Европската комисија пред 4 години.
Перински и Велковски се разрешени на денот на отворањето на понудите и изборот на изведувач. Била избрана австриска фирма која имала наводно 20 милиона повисока понјуда од турска компанија. Информациите се дека Перински по директива на Мицкоски ја фаворизирал австриската компанија која е ќерка на ЕВН. Наметнувајќи услови кои ги немало во препораките од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка, Перински дефакто исклучил од можноста за аплицирање на тендерот на реномиран турско-американски конзорциум.
Арсовска пред два месеца му порачала на Перински да ги смени членовите на комисијата за избор на најдобар понудувач за пречистителната станица, поради сомнежи дека има нечисти игри. Но Перински тоа не го сторил и така го засилил сомнежот кај градоначалничката. Генералниот секретар Велковски е разрешен поради неговото влијание во спорната тендерска постапка.
Арсовска претходните месеци смени 5 директори кои таа ги постави на функција. Најпрво, само неколку дена откако го назначи го разреши од функција директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху. Во јули го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз, откако неговиот брат учествуваше во инцидент на плоштадот Скендер Бег , а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека сакал да го убие. Две недели потоа отказ му даде на директорот на Зоолошката градина Кристијан Стаменов оти закла 10 коњи. Во мај пак директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски (кој требаше да воведе бесплатен превоз, што беше главно изборно ветување на Аровска), сам си поднесе оставка.
Арсовска е градоначалник од 13 ноември ланската година и по 10 месеци соработка со ВМРО-ДПМНЕ сега истапува со истите аргументи како градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, кој пред неколку месеци исто така раскрсти со Мицкоски и неговата партија со зборовите “Требаше бокс да му одрам!“. Двајцата се жалат дека и соработниците со кои се во конфликт се однесувале првенствено како војници на партијата а не како раководители за доброто на општината/градот.
– Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери – напиша Арсовска на Фејсбук.
Таа објави уште дека директорите на јавни претпријатија под Градот, а кои се од ВМРО-ДПМНЕ, добиле понуда веднаш самите да си дадат оставки или да бидат разрешени.