Две торнада го погодија Нов Зеланд

Во две торнада кои  го погодија Северниот Остров на Нов Зеланд едно лице е повредено, а причинета е материјална штета.

Едно од торнадата го погоди главниот град Велингтон, а најмалку четири куќи во овој град беа оштетени, бидејќи торнадото им ги однесе покривите.

Според новозеландските медиуми еден тинејџер е во болница, бидејќи зградата во која престојувал била уништена.

Локалните противпожарни служби во Велингтон, исто така, соопштија дека второто, помало торнадо, ја погодило областа Таранаки во западниот дел на Северниот Остров, при што биле оштетени неколку куќи.

Новозеландската метеоролошка служба “Метсервис“ предупредува дека продолжува периодот на лоши временски услови и не ја исклучува можноста за нови екстремни временски појави.

Торнадата следеа по дводневното невреме во Нов Зеланд, кое во неделата тешко оштети 10 куќи во најголемиот град во Нов Зеланд, Оукленд, а во вторник штетата беше направена и на објектите на Јужниот Остров.

Торнадата се релативно ретки во Нов Зеланд.

Останати вести