Трагедија го потресе Велес – на 15 септември со повеќе убоди од нож се убиени 31-годишната велешанка Росица и нејзиниот 74-годишен татко Киро Коцев, а сторителот, 39-годишниот скопјанец Илија Стефановски, поранешен партнер на девојката, се самоубил со тврд остар предмет. Против убиецот претходно биле поведени повеќе постапки за закани и насилство врз Росица, соопшти Основното јавно обвинителство.
Росица го пријавувала Илија за насилство и непочитување на забраната за приближување, а тој го запалил и автомобилот на татко и
Обвинителството го објави записникот од испитувањето на Росица Коцева (31) од Велес, даден на 9 септември годинава, само неколку дена пред таа и нејзиниот татко Киро Коцев (68) да бидат брутално убиени од нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски.
Во исказот Коцева детално опишала низ какви закани и насилство поминувала последните месеци. Таа изјавила дека по прекинот на заедничкиот живот во октомври 2024 година, имала повремена комуникација со Стефановски. Заминала со него на патување во Софија за да му помогне оти го владеела јазикот, па така на 27 декември 2024 година настанала расправија.
Илија барал од неа да ја обноват врската, а кога таа го одбила и се обидела да ја отвори вратата од автомобилот, тој ѝ рекол: „Ќе бидеш моја или ќе бидеш мртва“.
Илија, потоа ја повикал Росица во својот дом во Ѓорче Петров, а таа се согласила само под услов да биде таму и неговата мајка.
„Тој ја повика неговата мајка, но во истиот момент почна со малтретирање кон мене, пришто ме удираше по целото тело, ме заклучи во неговиот дом, но не можам да се сетам колку време бев затворена, со оглед на тоа што немав телефон со мене“, сведочела.
Во записникот стои и дека, според нејзините зборови, тој насилно се однесувал и со неговата мајка, туркајќи ја. Росица ја молела мајка му да повика полиција, но и нејзиниот телефон бил одземен од Илија.
Наредниот ден му кажала дека ако ја пушти ќе се обиде да побара помош за да ја обноват врската, па тој се согласил.
Росица поднела пријава на 17 април но и осомничениот поднел пријава против неа тврдејќи дека лажно го пријавува за да му изнуди пари. ОЈО Скопје прибавило медицинска документација и други докази. Пријавата на Стефановски за лажно пријавување била отфрлена, а постапката по пријавата на Коцева продолжила.
На 9 септември 2025 година таа одново дала исказ во Обвинителството и потврдила дека останува на предлогот за негово гонење.
Наскоро по оваа пријава, следеше трагичниот настан по кој таа и нејзиниот татко загинаа.
Хронолошки, во април годинава Основното јавно обвинителство во Велес поднело обвинителен предлог против Илија Стефановски. Во предлогот биле опфатени два настани: „загрозување на сигурноста“ на 20 февруари и „насилство“ во ноќта меѓу 3 и 4 март, кога партнерот на Росица добил полесна телесна повреда. Извршеното психијатриско вештачење покажало дека Стефановски не боледувал од душевна болест, бил целосно пресметлив, информираа од Обвинителството.
Во февруари, додека таа го шетала кучето нешто пред полноќ од позади и пришол Илија и со раката и ја затворил устата и почнал да ја удира во главата. „Е сега ќе видиш што ќе ти се случи“ и се заканил насилникот. А ноќта помеѓу 3 и 4 март Илија ја чекал да излезе пред влезната врата од станот каде живеела со нејзиниот партнер. Му се нафрлил на момчето, го соборил и го турнал во ходникот каде го притискал со прстот во окото и му нанел повреди. Росица повикала полиција, но пред да дојде, Илија од терасата од 4 кат на зградата, преку олуците, се симнал долу и избегал.
Само еден месец подоцна, на 18 мај, Стефановски повторно се појавил пред домот на Росица, го одзел и го запалил автомобилот на нејзиниот татко.
Три дена подоцна, на 21.05.2025 година Росица го пријавува насилникот за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство, тој не ги почитува и постојано ја вознемирува.
На 26.06.2025 година издадена е наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува (од јуни – се уште се постапува?!).
На 10.09.2025 година судијата Шефќет Адеми од Основниот суд во Велес (пет дена пред двојното убиство на Росица и нејзиниот татко), го прогласил за виновен обвинетиот Илија Стефановски и му изрекол казна од 1.4 години затвор односно алтернативна мерка – условна казна од три години. Мерките на претпазливост, кои претходно му биле изречени на барање на Центарот за социјални работи, остануваат во сила и тоа – забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство, забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин комуницира со жртвата дирекно или индиректно, забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето или било кое место кое редовно го посетува жртвата.
Само пет дена по оваа пресуда, Росица и нејзиниот татко беа пронајдени мртви – убиени од истиот човек против кого таа повеќе пати сведочела и барала заштита.

Реконструкцијата на убиството според повеќе релевантни извори е дека Илија дошол во домот на Росица во Велес каде прво го убил татко ѝ Киро. Влегол насилно, преку прозорецот на приземјето, за што сведочат искршените ролетни и стакла.
Дали потоа Илија ѝ се јавил на Росица да дојде да го види татка си, или таа дошла самоиницијативно оти не ѝ се јавувал на телефон, ќе открие вештачењето на двата пронајдени мобилни телефони, на местото на злочинот во куќата на ул. „Кочо Рацин“ бр. 6.
Росица дошла заедно со нејзиното момче и го пронашле мртов на каучот татко ѝ Киро К.
Тогаш Илија ја нападнал девојката, ѝ задал шест убодни рани со нож, од нив две во вратот. Тешко ранетата Росица во прегратки, трчајќи ја изнел пред куќата во дворот, сегашното момче, а таму дошла Брза помош и ја пренело девојката во Велешката болница. Илија, пак, се заклучил во соба, па со шест убоди од нож во врат се самоповредил. Итната помош и него го пренела во Велешката болница. Обидите за реанимација траеле по 45 минути за двете повредени лица, но не дале резултат.

Животот на Росица од Велес не бил единствен загубен поради психолошкото малтретирање и посесивното однесување на нејзиниот поранешен партнер Илија Стефановски. Како што известува „Слободен печат“, тој истиот модел на злоупотреба го применувал и врз други девојки со кои бил во врска, кои со години се обидувале да стават крај на врските со него.
„Слободен печат“ објави сведоштво од една од овие жени, која се отарасила од него по година и половина врска, но доживеала сериозно малтретирање уште од 2013 и 2014 година, при што повеќепати го пријавувала во полиција. Девојката раскажува дека Стефановски не прифатил „не“ и постојано ѝ се заканувал, ја следел, ѝ ѕвонел и ѝ пишувал пораки, а понекогаш ѝ истурал и пијачки.
„Имаше драматични испади дека ‘ќе се убие’ ако не бидеме пак заедно“, вели девојката за „Слободен печат“, при што нејзиниот идентитет е заштитен по нејзино барање.
Оваа девојка првпат го пријавила во полиција Илија Стефановски уште во 2013 година, кога ѝ го одзел телефонот и во нејзино име пишувал мејлови со цел да ѝ наштети, а во целата драматична ситуација се заканил дека ќе ја убие сестра ѝ.
„Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција, го исконтактираа оттаму и ми го врати телефонот. Во тие неколку часа тој се претставил со мое име и праќал мејлови за да ми го уништи професионалниот развој“, раскажува девојката.
Сепак, малтретирањето не престанало – кога веќе не „палело“ постојаното пишување, демнење, одземањето на телефонот… осамнале графити низ Скопје со нејзиното име и презиме и зборот „курва“, но и со имиња и презимиња и навреди за нејзини блиски.
По сето ова, девојката завршила во болница со дупната глава, но до ден-денеска не ѝ е јасно и не може да тврди дека токму Стефановски бил тој што една јануарска вечер во 2014 година ја удрил силно по главата и избегал. Таа била излезена со другарките и кога се враќала дома некој ја удрил силно по главата, ѝ ја украл ташната и избегал. Од силниот удар завршила во болница на шиење на главата, а полицијата не успеала да го лоцира напаѓачот.
„По 13 години потсвесно ми беше очекувано дека вакво нешто ќе се случи. Полицијата го гледа случајот изолирано, а не во поширок контекст“, додава девојката.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за „Слободен печат“ потврдиле дека најмалку четири девојки поднеле пријави против Стефановски од 2013 година наваму, за закани, следење и малтретирање.