Демири: Јавноста да знае дека на државна Кардиохирургија е направен криминал

Министерот за здравство Илир Демири во остар настап на телевизија „Телма“ сподели сериозни информации и обвинувања на сметка на државната Клиника за кардиохирургија, чиј директор Марјан Шокаровски беше неодамна разрешен.

– Зошто да не можам да го разрешам Марјан Шокаровски од директор? Треба да дозволам некој да продолжи да оштетува? Шокаровски и Александра се тие кои се поврзани и се најголеми поборници ова да не излезе во јавноста.

Тој истакна дека од 2011 година до денес од државниот буџет се обезбедуваат пари за светски познати кардиохирурзи да ги учат македонските студенти кардиохирургија а резултати нема. Вели дека е тоа така зашто имало тројца кардиохирурзи од Србија кои наводно оперирале на ЈЗУ Клиника за кардиохирургија без лиценца од македонската Лекарска комора и дека тоа се случувало во склоп на програмата за превенција на кардиоваскуларни заболувања која ја води Ангела Ефтимовска.

– Проблемот е следниот: Ние плаќаме дневница од 700 евра за еден светски познат кардиохирург а доаѓаат по тројца-четворица во екипа. Тројца од лекарите што се вклучени во операциите – а тоа се: Алексиќ, Чубрило, Лазовиќ – немаат лиценци. Тие се анонимуси, не се познати, немаат никаква биографија. Македонската јавност треба да ја знае вистината и да не ме обвинуваат дека сум против Кардиохирургија. Не сум против Кардиохирургија, туку сум против криминалот што е направен во Кардиохирургија.

Знаете ли што значи тоа? Moj, твој, донеси некој што ти е познат од Дедиње, а програмата е наменета за Швајцарци, Германци, за Италијанци. А овие ја пренасочиле програмата кон Дедиње. Како би постапиле вие? Мислите дека јас треба да молчам а од Србија да доаѓаат фантоми да оперираат тука, без лиценци? Што треба да и кажам јас на македонската јавност? Да го премолчам ова и да бидам сакан од одредени? Не, јас не сакам да сум сакан, јас сакам да сум праведен. Овде поднесовме пријава до Обвинителството и ќе инсистирам до крај да се оди со сите тие што се одговорни за ова злодело, рече Демири.

Вам од Кардиохирургија, уште колку години ви требаат да научите да оперирате сами?

– Од 2011 три генерации на специјалисти досега требаше да работат на Клиника за кардиохирургија. Па да прашам каде се овие деца кои од 2011 наваму завршувале специјализации по кардиохирургија и анестезија наменета за кардиохируршки интервенции? Уште колку време треба државата да им плаќа на странци да не учат, дали центарот во Дедиње 14 години плаќа светски реномирани стручни лица од Сремска Каменица?

Ова се пари на Македонија и јас прашувам каде е кадарот што требаше да биде произведен? Мене ме боли тоа што не сме произвеле кадар и останува монополизацијата на тројца кардиохирурзи, од кои двајца млади кои не се самостојни и уште оперираат под надзор на друг и под менторство. Уште колку години треба да плаќа државата за тие да научат да оперираат сами? Кои се тие светски експерти од Дедиње што ве учат и уште колку време ви треба за да научите кардиохирургија?, праша Демири.

Тој додаде:

– Нека излезат да кажат која интервенција можат да ја завршат сами и колкав е процентот. А апропо статистичките манипулации што ги прават, сосема се разични кардиохируршките интервенции од васкуларните. Васкуларните интервенции имаат многу пониска смртност во цел свет. Но ако ги видите само податоците за смртноста од кардиохируршки интервенции, тогаш тоа е застрашувачки. Не се сака државата со носење мој и твој од Србија, туку со креирање домашен кадар и за кардиохирургија и за анестезиологија за кардиохируршки интервенции, рече министерот за здравство во заминување.

Во системот фалат досиеја за 170 оперирани пациенти

Во врска со смртноста, Демири рече дека таа многу лесно се гледа во „Мој термин”. Вели дека кога во статистиката на болницата би се видело тоа колкава е смртноста кај кардиохируршките интервенции, тогаш она кое би излегло во јавноста би било страшно.

– Влегувате и гледате колку била смртноста тогаш, а колку е сега. Многу е едноставно. Професор Сашко Јовев е еден од основачите на кардиохирургија. Ај што беше тргнат од позицијата директор, туку и бесправно беше избркан и од работа, па второстепена комисија имаше одлука да го врати професор Јовев а директорот Марјан Шокаровски одбиваше да го врати Јовев да ја извршува својата лекарска професија во која е најдобар од сите нив и сите тие учеле од него.

Тој повтори дека има 170 медицински истории кои не се внесени во „Мој термин“ и не се дел од статистичката анализа за смртноста и тие кога би биле внесени, би пробиле во статистиката. Клиниката, според тоа што го изнесе министерот, една година не испратила податоци за починатите до Министерството за здравство. Се правдале дека за 170 медицински истории не им работел системот а згора немале ниту задолжителна комисија за квалитет, која што треба да ги елаборира поединечно сите смртни случаи.

– Направени се неколку семафорчиња, за ние како здравствени работници да ги детектираме можните пропусти и брзо да реагираме. Ако немаш испратено 1 година извештај за смртните случаи до Министерството, ако имаш зголемена смртност која е евидентна и имаш 170 медицински истории за кои не ти работел системот… Не може само за одредени истории да не ти работи системот!?

Кажете ми тогаш што ќе направите вие како министер за здравство? Јас морам да гарантирам како министер за здравство сигурност на пациентите и во приватни и во јавни здравствени институции. А по пат се откриени и многу други пропусти за кои јавноста треба да знае, рече Демири.

Останати вести