„Децата не стануваат агресивни во училиште, најчесто агресијата ја носат од дома“

Министерството за образование и наука на Македонија започнува нов проект насочен кон рано препознавање и спречување на семејното и врсничкото насилство, со цел да се воспостави траен систем за заштита на децата преку образовниот систем.

Проектот „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ обединува повеќе институции, граѓански организации и училишта, а неговата реализација е предвидена да трае една година.

На промоцијата во Владата, министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека проектот директно се насочува кон еден од клучните причинители на врсничкото насилство – семејното насилство.

– Децата не стануваат агресивни во училиште, туку најчесто доаѓаат со такви модели на однесување од дома. Затоа ќе работиме на воспоставување одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при случаи на семејно насилство врз деца или нивно занемарување, рече Јаневска.

Таа најави дека веќе оваа недела ќе започнат обуки за училишните психолози, педагози и социјални работници во основното образование, со цел да се зајакнат нивните капацитети за препознавање на децата кои се жртви на насилство и навремено преземање соодветни мерки.

Покрај обуките, ќе се организираат и дискусии со наставници, родители и ученици за подигнување на јавната свест и зајакнување на соработката меѓу семејствата, училиштата и институциите. Врз основа на добиените искуства и препораки ќе биде изработен и унифициран протокол за постапување при сомнеж за насилство.

Поддршка на иницијативата дадоа и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Лимани истакна дека врсничкото насилство не се појавува изолирано, туку често е последица на нарушени семејни односи, изложеност на насилство, недостаток на емоционална поддршка и негативни влијанија од дигиталниот простор.

– Нашата цел се училишта без страв, семејства во кои се негува почит и разбирање и општество во кое насилството нема место, порача Лимани.

Тошковски нагласи дека податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат паралелен раст и на семејното и на врсничкото насилство.

– Не можеме секогаш директно да ги поврземе овие случаи, но изложеноста на насилство во домот е еден од најсилните ризик-фактори за подоцнежна агресија. Затоа полицијата е вклучена во проектот уште од самиот почеток, рече Тошковски.

Од Комората на психолози посочија дека агресивното однесување кај децата често е последица на претходно доживеана болка и насилство, предупредувајќи дека без справување со причините, циклусот на насилство може да продолжи и во следните генерации.

Проектот има за цел да создаде систем во кој секое дете навреме ќе биде препознаено, заштитено и поддржано, пред насилството да остави подлабоки последици врз неговиот развој. 

Останати вести