Во организација на Македонската православна младинска асоцијација (МОЈА), во црковната општина „Пресвета Богородица“ во Сиднам се одржа духовна средба со отец Ефтим и отец Гаврил, посветена на значењето на православната вера и предизвиците со кои се соочуваат младите во современото општество.
Преку примерот на светите браќа Кирил и Методиј, нивната просветителска мисија и истрајност во ширењето на христијанската вера меѓу словенските народи, беше нагласено колку се важни духовните корени, јазикот и црковното наследство за зачувувањето на идентитетот.
Посебно внимание беше посветено на секојдневните предизвици на младите, кои во образовната средина, на работното место и на социјалните мрежи често се соочуваат со притисоци да се приспособат на околината и да ја потиснат својата верска припадност. Како одговор на овие предизвици беше истакната потребата од активен црковен живот, молитва, пост, исповед и редовно учество во светата Литургија.
Една од главните пораки на средбата беше дека македонскиот идентитет, православната вера и животот во австралиското општество можат успешно да се надополнуваат и да претставуваат неразделни делови од еден целовит живот, со Христос во неговото средиште.
Средбата помина во пријатна атмосфера, исполнета со духовни пораки, отворен разговор и заедништво. МОЈА упати благодарност до отец Ефтим и отец Гаврил за нивните поучни обраќања, како и до црковната општина „Пресвета Богородица“ во Сиднам за срдечното гостопримство.
05 Nov 2026
04 Nov 2026