Продолжуваат реакциите од официјални лица и на социјалните мрежи по видеото на „Тик-ток“ од анестезиологот кој ги снимаше пациентите во болницата во Тетово.
Својот став за оваа тема го кажа и Ина Многуфина, која секогаш реагира на актуелните теми во државата:
Едно никому забавно клипче на Тик-Ток ја отвори Пандорината кутија во здравството. Дознавме дека ликот не можел да ја нострифицира дипломата добиена во Приштина, па имало политички притисоци, па се вработил во Тетовската болница, па имало пријави дека идел под дејство на наркотични средства на работа, па увидоа дека болницата воопшто нема дисциплинска комисија (као онака ич нема зашто изгледа нема потреба да се замеруваат колеги!?), па уште што друго сега се ќе излезе… битно на крај максимум што може да му се случи е да изгуби лиценца на 7 години. Но не бидете тажни – и без лиценца во МК се работи. И диви ординации има и органовадачи има, ќе видиме тоа како ќе заврши. Битно сакав да ви кажам: ве молам, пијте витамини и не седете на цименто зашто сешто има по болницине.“
За снимка на „Тик-ток“ одземаат лиценца (така и треба). Ама затоа за вадење на органи кај Јилдиз, за Јана од Битола, за новороденчето и ред други молк, пишува една корисничка на „Твитер“.
Директорот на Клиничката болница Тетово, Плумб Вела, изјави дека имало муабети низ болничките ходници оти тетовскиот анестезиолог кој снимаше пациенти и медицински персонал, a потоа видео матаријалот го сподели на ТикТок користел наркотични средства, но официјална потврда за вакви инциденти нема оти во болницата немало Дисциплински комисија да ги утврди и казни ваквите појави.
Екс-министерот за здравство, пак, Никола Тодоров негира дека „на слепо“ му ја потпишал специјализацијата на тик-ток анестезиологот од Тетово.
Лага е дека сум ја потпишал специјализацијата на анестезиологот Валтон Дервиши, без да биде претходно нострифицирана од лекарската комисија, вели поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, откако медиуми објавија дека Дервиши два пати бил одбиен од лекарската комисија.
Тодоров тврди дека ставил про-форма потпис на признавањето на специјализацијата на доктор Дервиши, ама откако комисијата од четворица доктори и еден правник дала позитивно мислење дека образованието на Дервиши од Косово е компатибилно со тоа во Македонија.
За вработените во тетовската болница беа воведени десетина правила откако новиот колега анестезиолог се вклучи во живо на „Тик-ток“ и снимаше пациентки на гинеколошкиот оддел. Забраните ги потпиша новиот организациски директор, Арменд Фазлиу. Најголем дел одредуваат како вработените ќе се однесуваат на социјалните мрежи и што смеат, а што не смеат да објавуваат на нивните профили.
„Воздржете се од критики, хумор и потсмев на вашите колеги во работно време и преку социјалните мрежи. Не објавувајте непристојни фотографии за време на празниците, ова влијае на вашиот углед и на угледот на болницата како ваш работодавач. Вашите социјални мрежи да бидат ограничени само на вашите блиски пријатели кои не ги злоупотребуваат вашите фотографии, размислувања и ставови. Внимавајте кого прифаќате за пријател или следбеник на социјалните мрежи“, стои меѓу другото во болничкото известување до вработените.
Првите одредби од правилата наложуваат забрана за објавување на приватни информации и тајни на пациентите. Се потсетува дека прекршувањето на ова правило е казниво и со македонските закони.