Поранешниот селектор на Македонија Игор Ангеловски е еден од сериозните кандидати да го превземе кормилото на Академија Пандев. Струмичкиот тим е во потрага по нов тренер по заминувањето на Александар Васоски во клубот Сараево.
Ангеловски е без работа од јуни минатата година, кога го напушти селекторското место на Македонија. Се поврзуваше со клупата на Фенербахче, па со Џенова и со сплитски Хајдук, и со бројни други екипи, меѓутоа не дојде до договор за соработка ниту со едниот ниту со другиот клуб. Исто така беше поврзуван и со неколку тимови од Словенија, меѓутоа и натаму е без ангажман.
Добрите релации на Ангеловски со Пандев уште од времето на репрезентацијата се главниот адут дека би можел да биде тренерското решение за „академците“.
Доколку Ангеловски дојде во мак-фудбалот, тоа би била вистинска „бомба“ во струмичкиот прволигаш и интересни пресметки на пролет со поранешниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, кој деновиве е назначен за нов предводник на Брегалница.
Во Македонија Ангеловски беше веќе тренер на Работнички со кој ја освои двојната круна во 2014 година.