Епидемија на мозочни удари во Македонија – лани биле 25.000 а најмладиот пациент имал само 14 години

Дури 25.000 лица во Македонија минатата година имале мозочен удар. Бројот на пациенти со ваква состојба се зголемува, а се намалува возраста на оние кои имале мозочен удар.

На Kлиниката за неврологија најмалиот пациент со мозочен удар лани имал 14 години. Според статистиката 60 проценти се мажи, а 40 проценти се жени кои имале мозочен удар. Освен полот, голема улога има генетскиот фактор, животниот стил и превентивните прегледи, објаснуваат невролозите.

Најтешко поминуваат лицата кај кои ковид вирусот ќе предизвика мозочен удар.

Раното препознавање на симптомите и навремената лекарска помош се клучни во третманот на ова сериозна болест: доколку човек примети изместување на едната страна на лицето, слабост во дланките, проблеми со говорот веднаш да се јават во брзата помош.  Тромболитична терапија се дава само во првите 3 до 4 часа од ударот

Но пациентите со мозочен удар од цела Македонија таква терапија добиваат единствено во Скопје. Поради дефицит на кадар и амбулантни возила во некои градови од внатрешноста не сите пациенти може навреме да стигнат во Клинички центар “Мајка Тереза“ или ГОБ “8 Септември“.

Ова како проблем го посочиле и директорите на здравствените домови од Вардарскиот и Пелагонискиот регион на состанок со министерот Беким Сали.

– Некои укажаа дека имаат недостиг на кадар, некои имаат недостиг на возила. Ние и претходно побаравме донација на возила од една пријателска земја за поголем број возила и веќе одговорија позитивно и очекуваме наскоро да се преземат финалните чекори, изјави Беким Сали, министер за здравство.

Редовни контроли на притисокот, шеќерот и маснотиите во крвта, физичка активност и здрава исхрана, според лекарите во 90 проценти можат да превенираат мозочен удар.

Останати вести