Ракометната репрезантација на Македонија разочара на Европското првенство – не успеа да ја мине групата во унгарскиот град Дебрецин а кое место ќе го заземе во вкупниот пласман ќе се знае точно по одигрувањето на сите натпревари од фазата по групи.
Со лесна пресметка се гледа дека Македонија не може да се пласира повисоко од 21. место меѓу 24 учеснички на овој европски собир. Позициите 19-24 се делат на шесте екипи кои го освојуваат четвртото место во своите групи, па се прави споредба меѓу нив, прво по број на освоени бодови, потоа по гол-разлика.
Она што е сигурно е дека Украина е сигурно последна, со гол-разлика -34, а Босна и Херцеговина е претпоследна со -24 однос на постигнати и примени голови. Ништо чудно Македонија да го заземе 22. место или трето одзади, бидејќи ги заврши натпреварите со гол-разлика 70-86 или -16. Како стојат работите во моментов тоа место е резервирано за нас, меѓутоа треба да ни потврди соочувањето меѓу Австрија и Белорусија.
Тие играат за избегнување на последната позиција во групата Д и во моментов Австријците имаат -10, а Белорусите -13 гол-разлика. Ако која било од нив загуби убедливо и ја надмине разликата од негативни 16 гола, таа ќе биде на 22. место, а Македонија на 21. Сигурно е дека Литванија е за малку пред нас, со гол-разлика -13, а речиси невозможно е Португалија да падне подолу од 19. место, имајќи предвид дека пред натпреварот со Холандија има 55 постигнати и 59 примени гола.