Жан Митрев: Срам да им е на сите кои ме обвинуваат за профитерство

Кардиохирургот Жан Митрев, сопственик на истоимената приватната клиника во Скопје, каде голем дел од пациентите со ковид-19 беа лекувани со хемофилтрација, одржа прес-конференција за да побара да престане “хајката“ против него и неговата установа. Сомнеж за непотребно користење на хемофилтрацијата (првенствено со цел за да се наплати) стави емисијата “Нечиста крв“на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а потоа “по допрен глас“ формална истрага покрена и на Јавното обвинителство. Обвинителството му го одзеде пасошот, а тој плати кауција во висина од еден милион евра за да се брани од слобода.

– Наводите во документарецот „Нечиста крв“ се невистинити. Против мене се води оркестрирана хајка. Од самиот почеток до ден денес во оваа институција не е излажан ниту еден пациент и не е наплатен ниту еден денар повеќе, рече Митрев.

Во периодот од јуни 2020 до февруари 2022 г. во Клиничката болница „Жан Митрев“ се лекувани вкупно 1.738 пациенти со ковид-19, од кои 1.296 преживеале (74,6%). Од нив, само 625 пациенти (35,9%) биле третирани со хемофилтрација.

– Воопшто не држи тезата дека со хемофилтрацијата сме направиле бизнис и сме ги навеле луѓето да ја прават. Тоа беше шанса повеќе да преживеат, инаку тие пациенти ќе беа сите 100% мртви, кажа д-р Митрев.

Тој додава дека никогаш не тврдел оти има лек за коронавирусот, туку дека тие само ги лекувале компликациите кои настануваат од вирусот. Примената на хемофилтрација во лекувањето на компликации кај пациенти со коронавирусот се одвивало строго според пропишаните индикационите подрачја дадени во упатството за работа од производителот, а истото вели било одобрено согласно американската и европската легислатива. Од 2008 наваму се правеле од 50 до 200 хемофилтрации на годишно ниво, а од почетокот на пандемијата, направени се околу 620 хемофилтрации.

Митрев вели дека тој и Клиниката се мета на напади и малтретирање, но и дека болницата има 100 отсто загуби од сторијата, за што тој бил принуден да подигне кредит од 4 милиони евра за да ја задржи болницата. Тој се надева дека институциите ќе ја завршат својата работа до крај и дека ќе ги објават вистинските резултати, иако оваа „акција“ на медиумите, како што тој ја нарече, нанела голем удар врз работењето на болницата.

Во однос на обвинувањата за профитерство, Митрев кажа дека во 2020 г. на пациентите им биле вратени над 2 милиони евра, додека пак во 2021 г. се вратени над 3.2 милиони евра од аванси. Вели третманот со хемофилтрација чинел 3.000 евра, додека пак болничко лекување за еден ден изнесува 600 евра, па затоа вели доколку сакал да профитира не би го користел тој метод.

– За какво профитерство се зборува овде, доколку сме сакале да направиме нешто зар ќе им вратевме на пациентите 5 милиони и 200 илјади евра во време на ковид. Срам да им е на сите кои нè обвинуваат за профитерство,  заклучи Жан Митрев.

Останати вести