Заврши Самитот на ОБСЕ во Скопје -организацијата преживеа а Лавров доживеа изолација

Околу 1.000 делегати од 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на ОБСЕ дојдоа во Скопје за 30. Министерски совет на организацијата. Присутни беа шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ, меѓу кои првите дипломати на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, на Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Со овој самит се заокружи едногодишното претседавање на Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Следната година претседавач ќе биде Малта, откако набрзина беше обезбеден консензус (требаше тоа да биде Естонија, но Русија стави вето). Сепак, останува проблемот за финансирањето на ОБСЕ кое три години наназад се финансира со привремен буџет. За 9 месеци се продолжуваат мандатите на генералниот секретар и трите придружни институции на ОБСЕ.

Руската делегација пристигна преку Грција а шефот на дипломатијата Сергеј Лавров беше игнориран од останатите министри за надворешни и други високи гости. Поради неговото доаѓање учеството на состанокот на ОБСЕ во Скопје го откажаа министрите за надворешни работи на Украина, Естонија, Летонија, Литванија и на Полска. Овие земји беа претставени на пониско ниво.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни Дејвид Камерон си заминаа неколку часови пред да слета рускиот авион во Скопје.

Сите присутни (освен Лавров) изразија силна поддршка за Украина. Се приклучија и шефот на македонската дипломатија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, како и премиерот Димитар Ковачевски.

– Руската воена агресија врз Украина ги прекрши сите правила на Организацијата, Финалниот акт од Хелсински и други клучни документи за европската сигурност и човековите права. Војната ги поткопа довербата, дијалогот и нашиот капацитет да испорачаме, а над се таа ги уништи животите на обичните луѓе, нивното право да живеат слободно, соочени со стравот од војната и создадените воени услови. Во рамки на ОБСЕ дијалогот и соработката беа заменети со поделби и поларизација, рече Османи во обраќањето.

Премиерот Ковачевски истакна дека во рамки на македонското претседавање должно внимание се давало и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово. Заклучи дека народот на Украина заслужува мир и оти постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок порача дека соработката во ОБСЕ мора дополнително да се зајакне, иако Русија постави огромни пречки на патот на работата на организацијата во последните година и пол. 

– Како ниедна друга организација ОБСЕ се залага за безбедност на повеќе од 1.3 милијарди луѓе, што значи дека тие сакаат да живеат заедно во мир и безбедност и добар економски развој, нагласи Бербок. Фактот дека Русија не успеа да го уништи ОБСЕ, според неа, „е важен придонес за нашиот мировен поредок“.

Рускиот министер за надворешни Сергеј Лавров во подолгиот говор ги обвини западните земји дека го уништуваат ОБСЕ.

– Со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа 30-годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни. Поделбите на континентот ја поткопуваат безбедноста што ја креира ОБСЕ и доблесната идеја на која почива процесот од Хелсинки. ОБСЕ е претворена во организација која им служи на интересите на НАТО и ЕУ. Сегашните случувања го доведуваат во прашање и функционирањето на ОБСЕ како форум за објективно решавање на глобалните проблеми и го поткопуваат принципот на еднакви права на сите учесници, рече Лавров.

По завршувањето на говорот тој ја напушти салата. А следниот ден, чувствувајќи дека треба да биде поприсутен во медиумите, ода и прес-конференција на која ги повтори истите тези.

Лавров оцени дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.

Останати вести