Премиерот Зоран Заев изјави дека кризата во земјата е официјално завршена и економијата закрепнува. Како што посочи, стапката на вработеност повторно почна да расте со исто темпо како и пред пандемијата од крајот на 2020 година, а просечната нето плата исто така се зголемува.
– По една година можеме да кажеме дека кризата официјално заврши и оти економијата закрепнува, што е потврда на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе расте, рече Заев на Економско-финансискиот форум за последиците од рецесијата предизвикана од пандемијата со ковид-19.
Премиерот посочи дека неколку минути пред почетокот на својот говор Државниот завод за статистика објавил оти е регистриран раст на бруто домашниот производ од 13.1 % во вториот квартал годинава.
– Ова значи дека во првата половина од оваа година постигнавме раст на БДП од 5.6 %. За оваа година проектиравме раст од 4.1 %, со очекување дека извозот ќе порасне за 10.6 %, а бруто инвестициите ќе пораснат за 8%, рече Заев.
Како што посочи, стапката на вработеност повторно почна да расте со исто темпо како и пред пандемијата од крајот на 2020 година, со пораст од 1.5 проценти во последните три квартали, а просечната нето плата исто така се зголемува.
– Невработеноста е на ниво од 15.9 %, што е историски најниско ниво во поновата македонска историја. Тоа беше намалено за 4.8% во споредба со истиот период во 2020 година. Покрај тоа, според официјалната статистика, просечната нето плата континуирано расте и изнесува 28.744 денари (околу А$730) по вработен во јуни, рече Заев.