Заедничка изјава од самитот на НАТО: Осуда и повик до Путин веднаш да ги повлече силите од Украина

Како одговор на дејствијата на Русија, НАТО ги активираше одбранбените планови и распореди елементи на силите за одговор и 40 000 војници во источното крило, заедно со значителни воздушни и поморски средства, под директна команда на НАТО. Исто така, НАТО формира четири дополнителни мултинационални борбени групи во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка

Најостро ја осудуваме руската инвазија на Украина. Го повикуваме претседателот (Владимир) Путин веднаш да ја прекине оваа војна и да ги повлече воените сили од Украина и ја повикуваме Белорусија да стави крај на соучесништвото, во согласност со Резолуцијата против агресијата врз Украина, усвоена на Генералното собрание на ОН од 2 март 2022 година, се вели во заедничката изјава на лидерите од земјите-членки на НАТО.

Во Брисел се одржа вонреден самит на НАТО од кој Русија е повикана да ја почитува пресудата и од 16 март на Меѓународниот суд на правдата на ОН и веднаш да ги прекине воените операции.

“Ние сме обединети во нашата решеност да се спротивставиме на обидите на Русија да ги уништи темелите на меѓународната безбедност и стабилност. Бараме одговорност од Русија и Белорусија. На Русија и беа наметнати огромни санкции и голема политичка цена со цел да се стави крај на оваа војна. Остануваме решени да одржиме координиран меѓународен притисок врз Русија“, стои во заедничката изјава на лидерите на 30-те земји-членки на Алијансата. На самитот Македонија ја претставуваше премиерот Димитар Ковачевски.

Лидерите од НАТО-земјите најостро ги осудија разорувачките напади врз цивили, вклучувајќи и жени и деца, обврзувајќи се дека ќе соработуваат со остатокот од меѓународната заедница со цел да се изведат пред лицето на правдата одговорните за прекршувањето на меѓународните и хуманитарните закони, вклучувајќи и воени злосторства.

„Ние сме длабоко загрижени поради зголемениот ризик од сексуално насилство и трговија со луѓе. Ја повикуваме Русија да дозволи брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и безбеден премин за цивилите и да дозволи доставување хуманитарна помош до Мариупол и другите опколени градови“, се посочува во заедничката изјава.

На самитот лидерите ги осудија нападите врз цивилната инфраструктура, вклучително и оние што ги загрозуваат нуклеарните централи.

Тие побараа Русија да покаже дека е сериозна кога се во прашање мировните преговори и веднаш да имплементира прекин на огнот.

Во заедничката изјава, исто така, се искажува солидарност со украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинската влада и храбриот народ кој ја брани својата татковина.

„Украина има фундаментално право на самоодбрана согласно Повелбата на Обединетите нации. Од 2014 година обезбедивме голема поддршка за способноста на Украина да го искористи тоа право. Ги обучивме вооружените сили на Украина, ги зајакнавме нивните воени способности и капацитети и ја зајакнавме нивната отпорност. НАТО сојузниците ја засилија својата поддршка и ќе продолжат да обезбедуваат дополнителна политичка и практична поддршка на Украина додека таа продолжува да се брани. НАТО сојузниците, исто така, ќе продолжат да обезбедуваат помош во области како што се кибербезбедноста и заштитата од закани од хемиска, биолошка, радиолошка и нуклеарна природа“, се наведува во изјавата и се истакнува дека министрите за надворешни работи ќе разговараат за понатамошна поддршка за Украина на средбата во април.

Останати вести